„Епл“ повторно на врвот на листата највредни брендови, го надмина „Амазон“
По четири години, компанијата Епл повторно се најде на врвот на листата на највредни светски брендови, надминувајќи го Амазон, покажа истражувањето на консултантската компанија Бренд Фајненс (Brand Finance), јави ДПА.
Вредноста на брендот „Епл“ скокна 87 проценти, на 263,4 милијарди долари, со што се искачи на првото место на рангирањето на „Brand Finance Global Brand 500 “. Епл е првата американска компанија чијашто пазарна вредност надмина 2.000 милијарди долари во август минатата година, потсетува агенцијата ДПА.
Амазон го зазеде второто место на рангирањето на листата, со вредност на брендот од 254,2 милијарди долари, а третото место му припадна на Гугл со проценета вредност на брендот од 191,2 милијарди долари. Мајкрософт го задржа четвртото место, со 20 проценти зголемување на вредноста на брендот, на 140,4 милијарди долари. Самсунг го задржа петтото место, Волмарт се проби на шестото, а Фејсбук е на седмото, како и на минатогодишното рангирање.
Технолошките компании убедливо доминираат на листата, со учество во вкупната вредност на брендовите од 14 проценти. Заедно, нивните брендови вредат 998,9 милијарди долари.
Компаниите водени од технолошка иновации значително ја зголемија вредноста на нивните брендови откако работењето од дома стана нова норма во годината обележана со мерки како „локдаун“ во пандемијата и зависноста на луѓето од дигиталните комуникации, малопродажбата и забавата.
Епл ги престигна Амазон и Гугл благодарение на успешната стратегија за развој на нови извори на приход. „Ајфон“ на тој начин учествуваше со половина од своите приходи во 2020 година, во споредба со две третини во 2015 година.
Како дел од таа стратегија, брендот се прошири на дигитални и претплатнички услуги, вклучувајќи ги App Store, iCloud, Apple Podcasts, Apple Music, Apple TV и Apple Arcade. Компанијата одлучи да продолжи со планираното проширување кон сегментот електрични возила Титан.
Вредноста на брендот Амазон, во меѓувреме, порасна солидни 15 проценти, исто така благодарение на пандемијата и невиден раст на побарувачката поттикната од потрошувачите кои се свртија кон купување преку Интернет, по затворањето на физичките продавници. Амазон се стекна со 11 авиони за да ги прошири своите можности за воздушна логистика. Фирмата, исто така, го најави својот влез во здравствениот сектор со лансирање на Амазон аптека и фитнес апликацијата Хало.
Вредноста на брендот Гугл исто така се зголеми малку, иако минатата година, по првпат од нејзиното основање, забележа пад на приходите како резултат на пад на побарувачката за рекламирање за време на пандемијата и општ пад на потрошувачката на компаниите за маркетинг.
Вредноста на американскиот производител на електрични автомобили Тесла скокна најмногу меѓу 500-те компании на скалата, за 158 проценти, на 32 милијарди долари.
Вредноста на брендот на кинескиот интернет гигант за малопродажба Алибаба е двојно зголемена, на 39,2 милијарди долари.
Во автомобилската индустрија, највредна марка е јапонската Тојота, чија вредност порасна за два проценти на 59,5 милијарди долари. Следува германскиот Мерцедес-Бенц со вредност на брендот од 58,2 милијарди долари, 10 проценти помалку од минатата година.