Елтон Џон хоспитализиран по падот во домот во Франција


Ница- Елтон Џон е итно хоспитализиран во неделата вечерта откако колабирал во својата вила во Ница.

Музичката легенда (76) била префрлена на ортопедскиот оддел на болничкиот центар „Принцес Грејс“ во Монако каде бил прегледан од страна на лекарите.

Портпаролот на Елтон Џон потврдил за PageSix дека тој бил отпуштен денеска рано наутро и сега е вратен дома „со добро здравје“.
 

Во соопштението стои: „Можеме да потврдиме дека по падот во неговиот дом на југот на Франција вчера, Елтон ја посети локалната болница како мерка на претпазливост. По прегледот, тој веднаш беше отпуштен утрово и сега е вратен дома и е во добра здравствена состојба“.

Елтон го помина летото во Франција со својот сопруг Дејвид Фурниш и нивните два сина, откако ја заврши турнејата „Farewell Fellows Brick Road“ во јули.

Последен пат беше виден како ужива во релаксирачки ден на својата суперјахта со многу пријатели во Сент Тропе на 22 август.

Во јули, еден од најпопуларните кантавтори на сите времиња, ја заврши својата маратонска проштална турнеја во Стокхолм со еден од неговите најголеми хитови – Goodbye Yellow Brick Road.

76-годишниот музичар им порача на своите милиони обожаватели дека ќе останат во неговата „глава, срце и душа“.

Во спектакуларната кариера долга 50 години, тој изведе 4.600 шоуа низ светот и освои пет Греми награди.

„Живеев за да ви свирам на вас, вие бевте мојот живот, вие бевте апсолутно величествени“, рече тој на публиката во шведската Теле2 Арена.

Тој им оддаде почит на неговиот сегашен бенд и екипа, од кои некои се на турнеја со него долги години.

„Тие се навистина неверојатни и најдобри, ви велам, најдобри“, рече Сер Елтон Џон.

Последниот концерт од прошталната турнеја беше отворен со Bennie and the Jets и продолжи со многу други хитови, меѓу кои и Philadelphia Freedom, Tiny Dancer, Rocket Man и Candle in the Wind.

Турнејата го опфати целиот свет – тој свиреше пред повеќе од шест милиони фанови, а еден од најважните моменти беше неговото појавување на фестивалот Гластонбери во јуни.

Концертот забележа од најголемите посети во историјата на фестивалот, а милиони во Британија го гледаа на телевизија.