Еленко Миланов побара застарување на делото за сите обвинети во „ТНТ“ (ВИДЕО)
Објектот „Космос“ ќе падне по вторпат. Адвокатот на Миле Јанакиески во случајот „ТНТ-рушење на КОСМОС“, Еленко Миланов денес даде изјава за медиумите во која соопшти дека побарал од Апелацискиот суд да ја свика денешната јавна седница на која ќе се преиначи пресудата во овој предмет според измените на Кривичниот законик – така што ќе се прогласи апсолутна застареност за сите обвинети во случајот.
Тој ја прокоментира саркастично изјавата на сопственикот на „Космос“, Фијат Цаноски, со зборовите дека има правен факултет, а на неговата прес конференција немало ниту еден професот по кривично право бидејќи тврдењата не му биле издржани.
Кон барањето се приклучија и дел од останатите бранители, додека, дел од нив, исто така, побараа ослободителна пресуда, не само поради измените на Кривичниот законик, туку и поради сите други работи кои биле детално образложени во постапките. Одбраната на денешната расправа укажа на повеќе работи во делот на постапката, кои според нив се симптоматични во однос на решенијата донесени од судовите. Па така, обвинетиот Миле Јанакиески посочи дека во решението донесено во септември 2023 година, има судии поротници на кои Судскиот совет им утврдил престанок на функцијата поради старосна пензија и истек на мандатот една година претходно.
Јавниот обвинител Сашо Рајчев на денешната расправа посочи дека со измените на КЗ во целост делото се менува содржински во поглед на „злоупотребата на службената положба и овластување“ како и во поглед на пропишаните казни.
-Со овие измени пропишаните казни се драстично намалени и се декриминализира делото во поглед на јавните набавки – рече тој.
По завршувањето на јавната расправа Судечкиот совет соопшти дека одлуката ќе биде соопштена дополнително.
Во првостепената пресуда девет години затвор доби експремиерот Никола Груевски, три години поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и четири години поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, за рушењето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски во 2012 година. Во случајот затворска казна од четири години доби и тогашната градежна инспекторка Елизавета Најдовска, додека три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда. Сите се товареа за „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Сопственикот на компанијата „ФИНЕ“, Фијат Цаноски, вчера на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелациониот суд и тврдеше дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра.