Елена Ковачевска со софистициран изглед во Вилнус – што облече на свечената вечера со претседателот и првата дама
Тања Кокев е повторно дизајнерскиот избор на Елена Ковачевска за изгледот во Вилнус, Литванија, каде го придружува својот сопруг, премиерот Ковачевски на дводневниот Самит на НАТО .
На официјалната, свечена вечера организирана од страна на претседателот и првата дама на Литванија, во чест на лидерите на земјите членки на Алијансата и партнерските држави присутни на собирот, заедно со нејзиниот сопруг, премиерот Ковачевски , таа избра црн фустан со едноставна, елегантна линија и уникатен детал на бела ружа, модел посебно креиран за оваа прилика, со потпис на Кокев. „Независен“ ексклузивно ги објавува фотографиите од вечерата.
-Вечерва присуствуваме на свечена вечера, која во чест на шефовите на делегации на сојузниците на НАТО и партнерите, ја приредува претседателот на Литванија, Гитанас Науседа и неговата сопруга г-ѓа Дијана Науседа, објави премиерот Ковачевски на Фејсбук.
Во објавата тој додава дека вечерата претставувала „уште една уникатна можност за разговор и за потврда на нашата обединетост во справувањето со тековните и идни предизвици“.
Лани, во Њујорк, за своето прво јавно протоколарно појавување на гала настани од висок профил, на приемите кај Емине Ердоган и на американскиот претседател, Џо Бајден, го откривме стилот на Елена Ковачевска – смирен, софистициран и минималистички, по кој познатата македонска дизајнерка е препознатлива и почитувана на црвените килими дома и во светот. Кокев соработува исклучиво со издржани ликови, убави, со јасен став пред јавноста, и цврст кредибилитет позади себе. (Л.С.)