Египет повторно си ја бара назад бистата на кралицата Нефертити, Берлин не ја дава


Египет бара враќање на светски познатата биста на кралицата Нефертити, која се наоѓа во „Нојес“ музејот во Берлин повеќе од сто години. Германските власти го одбиваат ова и велат дека скулптурата ќе остане таму каде што е. Вредноста на скулптурата се проценува на 400 милиони евра и е еден од најпознатите артефакти на древниот Египет. Но, од 1922 година, бистата на кралицата Нефертити стара 3.370 години е во Берлин.

Сега, не за првпат, има барање од Египет, Германија да ја врати.

Захи Хавас, поранешниот египетски министер за антиквитети, активно се залага за враќање на Нефертити од 2011 година. Неодамна, тој го интензивираше својот ангажман. Покрена петиција со која се повикува Германија да ја врати познатата биста, која моментално се наоѓа во берлинскиот музеј „Нојес“.

„Оваа биста, извонредна и единствена во историјата поради нејзината историска и естетска вредност, сега е во Германија, но време е да се врати дома во Египет“, се вели во петицијата.

Германски археолошки тим ја откри насликаната биста од варовник во 1912 година и ја испрати во Европа една година подоцна. Нефертити стана важна туристичка атракција.

Бистата, за која се верува дека е направена во 1345 година п.н.е., колоквијално се нарекува амбасадор на Египет. Но, египетскиот археолог Моника Хана на тоа гледа поинаку. „Амбасадорот подразбира дипломатска размена“, изјави таа за Deutsche Welle.

„Ако испратите амбасадор само во една насока, тој е заложник“.

Археологот јавно повика на „деколонизација на египетската археологија“.

Петицијата на Хавас не е само за Нефертити – исто така повикува на враќање на Каменот од Розета и Зодијакот на Дендера, египетските антиквитети лоцирани во Франција и Обединетото Кралство. Каменот од Розета, изложен во Британскиот музеј во Лондон, е древен египетски камен со натписи на три јазици и писма – кој служел како клуч за читање на тајните на хиероглифското писмо. Зодијакот на Дендера е огромен камен дијаграм од египетски храм кој датира од средината на I век п.н.е., а моментално се наоѓа во музејот „Лувр“ во Париз.

Пруската фондација за културно наследство, која ги надгледува музејските збирки во Берлин, во минатото призна дека во нејзините збирки има украдени уметнички дела, како што се некои бронзени скулптури од Бенин. Некои потоа беа вратени во Нигерија во 2022 година.

Сепак, се вели дека бистата на Нефертити била легално добиена од Египет, откако била откриена во остатоците од градот Амарна, краткотрајната престолнина на фараонот Ахнатон, сопругот на Нефертити. По неговата смрт, градот на источниот брег на Нил бил напуштен.

„Бистата на Нефертити беше пронајдена за време на ископувањата одобрени од египетската управа за антиквитети“, вели Штефан Михлер, портпарол на пруската фондација за културно наследство

„Таа дојде во Берлин врз основа на тогашната вообичаена поделба на наоди кои вклучуваа многу други предмети. Бистата е легално изнесена од земјата и нема барање за нејзино враќање од египетската влада“, рече Михлер во писмената изјава за DW.

Михлер зборува за договорот со египетските власти кој предвидува поделба во однос 50:50 од околу 10.000 пронајдени артефакти во замена за финансирање обезбедено од германскиот магнат за памук и текстил Џејмс Сајмон. Германските уметнички експерти велат дека претставник на египетската влада избрал половина од предметите, додека другата половина била однесена во Германија, вклучувајќи ја и бистата која неколку години подоцна била изложена во музејот „Нојес“.

Некои ја оспоруваат оваа презентација на настаните. Хавас пишува дека бистата на Нефертити „била дрско украдена од Египет од страна на Германците во 1913 година, кога била скриена и прошверцувана надвор од земјата и покрај законите кои забрануваат извоз на исклучителни археолошки наоди од Египет“.

Египетски археолог тврди дека германскиот египтолог Лудвиг Борчард, водачот на ископувањата, под лажни изговори ја однел Нефертити од земјата.

Според веб-страницата Returning Heritage, која известува за дискусиите за културна реституција, „египетската држава во тоа време имаше право на вето врз сите предмети што ги сметаа за премногу важни за да ја напуштат земјата“. Но, можно е Борчард „погрешно ја претставил важноста“ на бистата, забележа авторот на извештајот Луис Мекнаут.

Отстранувањето на скулптурата на Нефертити се случи пред откривањето на гробницата на Тутанкамон во 1922 година. Историското откритие го натера Египет да ги отповика сите права „дадени на странските истражувачи да ги донесат главните наоди дома“, рече Мекнаут во својот извештај.

Експертот верува дека е „многу малку веројатно“ Хавас да успее во својата кампања за враќање на Нефертити, освен ако тој или египетските власти „не презентираат нови докази за намерна измама“.

„Како во тоа време се делел пленот од таквите ископувања е често (ако не и секогаш) обвиткан со мистерија“, изјави Луис Мек Нут за „Дојче Веле“.