Едноставноста е луксуз: Тања Кокев со нова колекција го најавува отварањето на модниот салон


Ако на нешто (требаше да) нѐ научи новото време, или од лани популарно нарекувано „новото нормално”, е тоа дека треба да почнеме да ги вреднуваме повеќе нештата кои досега ги сфаќавме здраво за готово. Дека треба да се стремиме кон умереноста и едноставноста, во сите аспекти на живеењето, вели креаторката Тања Кокев, која со нова модна колекција на 7 март го најавува отварањето на модниот салон ( на нова локација) во центарот на Скопје.

Она што го прави Кокев со новата колекција пролет-лето 2021 е токму тоа – апелира на едноставност, смиреност и умереност. Тоа не значи дека Кокев отстапува од себе, туку напротив, сето свое досегашно искуство и знаење го адаптира на современите потреби на младите и храбри жени, кои успешно жонглираат во текот на едно деноноќие со целиот свој багаж на обврски, рокови, задачи, проблеми…

-Новата линија е носива, природна, неусилена и едноставна за комбинирање.Новите парчиња ви дозволуваат да бидете слободни и да ја прекршите наметнатата детерминираност. Во нив, а и со нив, можете да експериментирате и да ги адаптирате на себе и на вашите потреби во новото време, вели дизајнерката која со својата енергичност и визија очекува повторно со модата да ги собере кај себе успешните дами од сите сфери на живеење .

Кокев веќе 15 години е препознатлива по свечените тоалети и венчаници. Прва е меѓу македонските креатори што лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице. Промовираше ремени и чевли, со потпис на брендот, како и чанти и џемпери, луксузна секојдневна облека и машка облека. Прва презентираше и колекција на венчаници пред клиентите преку транк-шоу, каде што девојките можеа да ги видат и пробаат фустаните, како и да се консултираат за креирање на венчаница по мерка со дизајнерката и тимот.. Со свои креации, присутна е и на црвениот килим ширум светот, но и во хуманитарни акции ширум Македонија. (Л.С.)