Едно лице почина од Западно-нилска треска на Инфективната клиника


Едно лице почина на Инфективната клиника од вирусот на Западно-нилска треска. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од почетокот на годината до сега има вкупно 30 тестирања за западно нилска треска, од кои што четири се потврдени случаи како позитивни, при што четвртиот случај завршил со смртен исход, информира денеска на прес-конференција директорката на ИЈЗ Марија Андоновска.

-Првиот случај е тестиран во април, и човекот е од Струмица импортиран од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани импортиран од Тунис, во јули месец тестиран во ИЈЗ. Третиот случај е тестиран во август месец – човекот е од Тетово, и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување.
Четвртиот и последен случај е тестиран во ИЈЗ на 12 септември месец. Човекот е од Чешиново Облешево, бил хоспитализиран на Инфективната клиника и за жал истиот е починат. При епидемиолошката анкета, истиот дал податок дека не патувал никаде, рече Андоновска.

На прашањето какви симптоми имал, имајќи предвид дека завршил со смртен исход, Андоновска кажа дека од нивната епидемиолошка анкета се забележува дека човекот изјавувал дека имал вознемиреност, губиток на свест, температура и малаксаност.

-Можам да кажам дека Западно-нилската треска 80 отсто не дава симптоми, 20 отсто се со благи симптоми на грип, а помалку од еден процент може да биде зафатен централниот нервен систем, каде што може да даде енцифалит или менингит, тоа се обично симптомите. Од она што е во нашиот домен на работа, можам да кажам ние поседуваме тестови за детектирање, те. испитување, утврдување на Западно-нилска треска во моментов, рече Андоновска.

ИЈЗ во својот извештај наведува дека се работи за 78-годишен маж, и првите симптоми му се појавиле на 9-ти овој месец, при што имал намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10-ти септември со возило од ИМП Кочани е пратен во КБ Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители, се вели во Извештајот.

Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска.

Како што се наведува во Извештајот, пациентот бил пензионер и се занимавал со земјоделство, кој живеел во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење, во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми, стои во Извештајот на ИЈЗ.

-Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција, додека во општина Чешиново-Облешево планирана е тендерска постапка, но досега не се спроведени активности за дезинсекција, се додава во Извештајот.

Оваа болест во земјава се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.