Единствен потфат во регионалната дискографија –луксузен бокс сет со 75 одбрани албуми на класична музика за 75 години „Кроација Рекордс“
И, кога ќе се помислеше дека со издавањето на ексклузивниот бокс-сет на „Бијело дугме“ од 2014-та, каде се вклучени сите студиски албуми на групата, е допрен врвот во регионалната дискографија, Croatia Records од Загреб, најголемиот дискограф на овие простори, повторно ги поместува границите!
Имено, во годината во која Croatia Records слави 75 години од своето работење и постоење, некогаш како Југотон, подготвено е специјално издание – луксузен бокс сет со 75 одбрани албуми на класична музика.

Под името „75 за 75 – 75 најдобри албуми на класична музика за 75 години Croatia Records“ е собрана листа на врвни класични музички дела.
Поделени во пет категории: 1. опера, оперета, балет, 2. хрватски композитори, 3. врвни диригенти и ансамбли, 4. пејачи и 5. солисти, во специјалната кутија се наоѓаат албуми на врвни композитори и музичари со нивните мајсторски отсвирени и отпеани дела.
Тука е и легендарниот „Порин“ на Ватрослав Лисински, и „Еро од оној свет“ на Јаков Готовац, и делата на Бруно Бјелински, Јосип Славенски, Станко Хорват, потоа Загребската филхармонија, Загребскиот квартет, како и легендарните Ружа Поспиш, Љиљана Молнар Талајиќ, Дуња Вејзовиќ, Иво Погорелиќ, се до сега актуелната нова оперска ѕвезда во регионот – Марија Видовиќ.
Репликите на оригиналните албуми, богатата книшка на хрватски и англиски јазик која содржи список на сите композиции, како и други релевантни информации, преглед на професорот Иво Јосиповиќ, поранешен претседетел на Хрватска, и луксузно дизајниран бокс сет, го прават ова издание еден од најголемите потфати на Croatia Records.
Луксузното издание веќе е во претпродажба по цена од 1.123,00 куни (149 евра), а може да се порача и онлајн!