Еден процент добивка и сто проценти магла

Одлуката да се даде паркингот во Клинички центар на компанија од Албанија, која ќе одвојува за државата мизерни еден отсто од профитот, ја вознемири јавноста. Тоа силно мириса на корупција, а не на „растурање пердуви“


Некои постапки на владата изгледаат гротескни. И одат по работ на довербата на граѓаните. И тоа толку многу брзо откако беше формиран овој владин кабинет. Дали владините партнери сакаат да го испитуваат прагот на трпението на јавноста, дали работат еден без друг да знае или можеби се во прашање корупциски сентименти – тешко дека може со сигурност да се определи за што точно станува збор. Но сомневањата за една, па за друга работа, па за трета, се калапат едно по друго и така здиплени се редат во долапот на изневерени очекувања.

Имаше повеќе ситуации до сега, но оваа со давањето под концесија на паркингот во Клиничкиот центар во Скопје е поспецифичен од другите. Затоа што е поврзан со најфрагилното на човекот – стравот за неговото здравје, или здравјето на неговите најблиски.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, одлуката концесијата за паркингот да ѝ се даде на компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија на извесен начин ја споредуваше како граѓаните да одат на шопинг во некој трговски центар. Според она што го објавија медиумите, албанската компанија треба да ја добие концесијата на 20 години, да изгради два монтажни паркинзи, да вложи 10 милиони евра, а од добивката ќе треба да ѝ издвојува на државата неверојатни еден отсто. Тоа значи дека на државата треба да ѝ дава речиси ништо. Ако, на пример, компанијата има профит од 500.000 евра годишно, на државата ќе треба да ѝ даде само 5.000 евра. Изгледа неверојатно како можел некој во условите на тендерот да смислил ваква клаузула. Државата некому да му даде на подарок неверојатен извор на приходи.

Министерот Таравари тврдеше дека не се разбира во фазите на тендерот, но знаеше дека цената на паркирањето по час треба да се зголеми од 30 на 50 денари. Дека слични биле цените на други паркинзи во градот, а и во трговските центри. Но тој предвиде дека албанската компанија немало да стопанисува со паркингот 20 години, туку најмногу 10, бидејќи до тоа време Клиничкиот центар веќе нема да бил таму.

Дали Таравари посредно најави дека владата ќе прави план да го пресели целосно Клиничкиот центар на некое непознато место? Ако има таков план, тогаш владата молчи за него. И ако Клиничкиот центар целосно се сели на некое друго место што би требало да има овој сега можеби најскапоцениот простор во Скопје. Голем парк? Или станбена четврт која ќе биде златна кокошка за повеќе развивачи на недвижнини. Не е тешко да се претпостави дека тие би притиснале со сета сила Клиничкиот центар да се исели целосно и таму да не остане ниту една клиника. Колку пари ќе треба да се изгради нов Клинички центар: 400-500-600 милиони евра, а потоа просторот да им се остави на градежни компании. Министерот Таравари треба да направи кларификација на овие негови предвидувања.

Премиерот Христијан Мицкоски, слично и како Таравари велеше дека договорот за паркингот во Клинички не е потпишан, дека треба да помине низ филтерот на владата и дека тој ќе го слушал гласот на јавноста. И при тоа сѐ околу овој скандалозен тендер  го префрли на физибилити студија подготвена од претходната влада, а и – на некои новинари.

Да, новинарите да ти биле виновни што според условите од тендерот „Ѓока констракшн“ треба да ѝ дава на државата мизерни еден отсто од добивката. Тие информации биле „растурање пердуви“.

„Јас разбирам дека уредувачката политика на одделни медиуми има за цел да растури пердуви со невистини и конструкции, да обвинува неосновано, и ние сега како политичари треба да сме дефанзивни и да се браниме. Факт број еден: одлука се носи врз основа на физибилити студија. Второ, распишан е оглас, се јавила само една компанија, иако критериумите се прилично широки. Трето, ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ние ја слушаме јавноста. Јавноста е незадоволна. Одлука на владата нема, договор не е потпишан. Ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме“, рече Мицкоски на 8 март.

Министерот Таравари тврдеше дека „процедурата е помината, меѓутоа повторно треба да помине уште одредени филтри во Влада“. А според премиерот Мицкоски „предвид ја земаме тендерската спецификација и, се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува“.

Што се гледа во оваа магла? Малку. Ако процедурата е помината, како што вели Таравари, тогаш тендерската комисија сигурно би требало да ги проучи и бонитетот и кредибилитетот на „Ѓока констракшн“. Ако тоа треба допрва да се разгледува во владата и се донесе негативна одлука, тоа може да значи дека тендерската комисија работела без да ги запази основните критериуми и наеднаш сѐ да се фрли во графата сериозна корупција. Или за професионален аматеризам на членовите на комисијата. Или, пак, дека членовите на комисијата треба да бидат издевалвирани откако јавноста е крајно вознемирена, иако тие можеби одлучувале според условите наведени во тендерот. А кој ги составил некој друг. Повикувањето на некоја физибилити студија од пред неколку години не може да биде алиби за условите поставени во тендерот од оваа влада. Всушност, тоа е „растурање“ пердуви, за што премиерот Мицкоски ги обвини новинарите.

Ако Владата, премиерот и министерот сакаат да излезат со што помалку штета од овој комплициран случај, за кој јавноста е убедена дека силно мириса на корупција и дека зад „Ѓока констракшн“ можеби стои некој влијателен играч од Македонија, треба да објават што стои во физибилити студијата, дали во неа е наведено дека компанијата што ќе биде избрана ќе ѝ исплаќа еден процент од профитот на државата или тоа било сега стокмено во условите на тендерската постапка. Потоа, што ќе значи за луѓето кои одат во Клиничкиот центар затоа што се болни, а не на прошетка, кога бројот на автомобили ќе се зголеми за двојно (што значи, двојно повеќе издувни гасови); и какви се тие идеи на министерот Таравари дека најдоцна за 10 години таму веќе нема да постои Клинички центар. Ако не е таму – каде ќе биде? За барем малку да се растури маглата, а не некакви медиумски пердуви.