Еден македонски државјанин се пријавил за евакуација од Израел


 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот исток по нападот од саботата на Иран врз Израел.

„До сега се пријавил еден наш граѓанин во Амбасадата во Израел којшто бара да се евакуира веднаш поради состојбата. Веднаш му е даден патен лист за да може да ја напушти државата, а исто така од една компанија се јавија на СОС телефонот овде во Скопје за четворица вработени кои се во Израел да ги имаме предвид во случај да се влоши состојбата и да имаат и контактни броеви каде да ги контактираме за да може да ги извлечеме“, вели Османи.

Тој оценува дека ситуацијата на Блискиот исток е делумно стабилна и се придружи на повиците до Израел да не возврати на нападот на Иран за како што вели, да се спречи влошување на состојбите и спиралата на конфликти.

„По однос на ситуацијата во Блискиот исток денеска имав разговори со повеќето амбасадори во тој регион, и со амбасадорот во НАТО и други партнерски земји. Во моментот состојбата е делумно стабилизирана. Училиштата во Израел се пуштени во функција, воениот кабинет сѐ уште нема одлука дали ќе возврати. Јас еве ја користам оваа можност да го повикамИзраел да не донесе одлука бидејќи спиралата на конфликти тогаш само ќе се влоши“, рече Османи. 

Тој кажа дека Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади.