ЕЦБ веројатно ќе мора дополнително да ги зголеми каматните стапки


Членката на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Изабел Шнабел, денеска навести дека институцијата најверојатно ќе продолжи со зголемување на клучните каматни стапки во обид да ја намали инфлацијата, откако на почетокот од овој месец ги зголеми по првпат од 2023 година како одговор на економските последици од војната со Иран.

– За да ја вратиме инфлацијата на нашата среднорочна цел од два процента, во сегашните околности ќе мора дополнително да ги зголемиме каматните стапки – изјави Шнабел за германскиот неделник „Ди Цајт“.

Таа додаде дека обемот и временската рамка на евентуалните нови зголемувања ќе зависат од развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, како и од движењата во економијата и на инфлацијата.

Шнабел нагласи дека, од гледна точка на ЕЦБ, неодамнешниот прекин на огнот во војната со Иран не значи целосно отстранување на ризиците за економијата, иако цените на енергенсите се намалија по меморандумот за разбирање што минатата недела го потпишаа САД и Иран.

ЕЦБ на 11 јуни ја зголеми својата референтна депозитна каматна стапка од два на 2,25 проценти, што претставуваше прво зголемување од септември 2023 година. Банката со седиште во Франкфурт тогаш ги образложи мерките како одговор на економските последици од конфликтот со Иран.

Претходно, ЕЦБ на седум последователни состаноци ја задржа на ниво од два проценти каматната стапка што им ја исплаќа на комерцијалните банки за средствата депонирани кај неа, но конфликтот на Блискиот Исток ги засили стравувањата од нов бран инфлација поради блокадата на Ормуска Теснина, клучен поморски премин за глобалната трговија со нафта и природен гас.