Ѕвезда во фокусот: Каролина на МРТ1 со 90-минутно шоу за дочекот на Новата година


Каролина Гочева- Корубин која пее како ѕвезда, изгледа како ѕвезда и се облекува како ѕвезда, по концертниот маратон во Филхармонија со новиот проект „Песни за љубов и копнеж“ со Дуке и Исмаил , ќе ни посака среќна Нова 2023 со 90-минутно шоу на МРТ 1 на 31 декември, со специјалните гости, нејзините драги колеги и пријатели Елена Ристеска, Лара Иванова, Влатко Лозаноски Лозано, Пијан Славеј и Teen Camp Official.

Каролина преку Фејсбук  ја сподели информацијата дека за дочекот нема да настапува никаде освен на МРТ.

-Многу се радувам што можам да ви кажам дека оваа година сакав да прославам заедно со сите вас и поради тоа, на Нова Година ќе пеам само на МРТ1!, напиша Каролина. 

И нејзиниот изглед за новогодишната емисија, кој низ годините е одраз на тренд, префинетост и мерка, во соработка со врвни македонски стилисти и мејк ап артисти, ќе биде новогодишен, свечен и блескав.  За шоуто ќе смени две комбинации- од црн комбинезон со длабоко деколте до сребрени панталони со „монистри“ со црн топ,  во комбинација со волуменозна фризура со ретро бранови.

Македонскиот пазар на македонски или на интернационалните брендови не се заситува од лицето или ставата на Каролина, родена Битолчанка и одамна Скопјанка .

Ја гледаме на сцена, ни се смее од билборди или градски автобуси, на козметички и модни каталози. Сите го копираат нејзиниот стил од улица, патување, настап…Во успешната кариера има поддршка од „Авалон продукција“ , од нејзиниот сопруг, уметникот Михаил Корубин и од нејзиното семејство. (Л.С.)