Џејмс Камерон смета дека преземањето на Warner Bros од страна на Netflix би било катастрофално: „Ќе се затвораат кината“


Џејмс Камерон напиша писмо во кое тврди дека успешниот обид на Netflix да го преземе студиото и стриминг услугата на Warner Bros би можел да предизвика огромни загуби на работни места, да ја промени кино сцената и да му наштети на извозот на филмови.

Познатиот режисер неодамна испрати писмо до сенаторот Мајк Ли, претседател на Комитетот за антимонополски мерки на Сенатот, а писмото неодамна го доби CNBC.

„Цврсто верувам дека предложената продажба на Warner Brothers Discovery на Netflix ќе биде катастрофална за филмската индустрија на која го посветив мојот животен век. Секако, сите мои филмови се прикажуваат и на стриминг платформите, но мојата прва љубов е киното“, напиша Камерон.

Режисерот предвидува дека ако се намали бројот на филмови со голем буџет (како оние што ги снима тој), кината ќе се затворат. Ќе се снимаат помалку филмови. Ќе се зголемат загубите на работни места.

„Бизнис моделот на Нетфликс е директно во спротивност со продукцијата и прикажувањето филмови во кино, кои вработуваат стотици илјади Американци. Затоа е директно во спротивност со бизнис моделот на филмската дивизија на Ворнер Брос., едно од ретките преостанати големи филмски студија“, додаде тој.

Камерон, исто така, тврди дека извозот на холивудски филмови би страдал во случај на спојување помеѓу Нетфликс и Ворнер Брос.

„САД можеби повеќе не се лидер во производството на автомобили или челик, но сепак се светски лидер во филмови. Тоа ќе се промени на полошо“, заклучи тој.

Сенаторот Ли одговори дека добиле мислења од актери, режисери и други заинтересирани страни за предложеното спојување помеѓу Нетфликс и Ворнер Брос и дека и тој е загрижен.