Џамбаски ќе му го одзема бугарското државјанство на Милошоски?


Заменик-претседателот на ВМРО, Ангел Џамбаски, ќе поднесе предлог до владата како да им се дава  бугарско државјанство на граѓаните на Северна Македонија, а наедно и како да им се одзема на тие што водат во антибугарската реторика и „го оцрнуваат името на Бугарија“. Во описот на Џамбаски медиумите го препознаа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, но неговото име тој не го потврди.

„Наредните денови ќе му испратам барање на претседателот да му се одземе бугарското државјанство на еден од најжестоките граѓани на Република Бугарија, со најжестоки антибугарски изјави. Човек за кој ние од организацијата бевме сведоци како ласкаше на панихидата на Тодор Александров, какви работи рече, што рече во Скопје и кога го поканив тука во Брисел. А, и присуствуваше на нашите настани, каков Бугарин беше“.Сега постојано плука по Бугарија, и јас ќе го замолам претседателот ова државјанство да му биде одземено, поништено. И веруваме дека во иднина секој што дозволува таква политика ќе биде лишен од бугарско државјанство затоа што тој не го заслужува тоа“, смета Џамбаски.

Тој најави и предлог за закон со еднократен ефект, со кој ќе се врати државјанството на сите наследници на поданиците на Кралството Бугарија од 9.9.1944 година или до референдумот, кога Бугарија станала комунистичка република.

Според податоците изнесени денес во бугарскиот парламент, по пратеничко прашање, за последните десет години скоро 66.000 Македонци добиле бугарско државјанство и во речиси сите случаи причината за ова бил доказ за бугарско потекло. Така, од 1 јануари 2010 година до 22 октомври 2020 година, 77.829 македонски државјани поднеле барање за бугарско државјанство, од кои 77.726 „биле со бугарско потекло“. Во истиот период, 65.675 Македонци добиле бугарско државјанство со претседателски указ.

Прашањето во парламентот беше на Христо Гаџев од ГЕРБ, а неговиот коментар беше дека додека Македонците сакаат бугарско државјанство, што ги прави граѓани на Европската унија, во Северна Македонија се води недопустлива политика и се даваат предлози против Бугарија.