Две Хрватски, два споменика, еден ден

Во ист ден кај Сплит беше откриена биста на Фрањо Туѓман, а на Сљеме кај Загреб спомен-плоча посветена на ликвидацијата на Србинката Александра Зец и нејзината мајка


Ретко се случува таков случај и околностите, т.е. недостатокот на грижа, свесност или такт од страна на една личност доведуваат до ситуација два дела од едно општество да се сретнат индиректно и метафорично во ист ден и тоа е исто толку очигледно како што беше на 7 ноември во Хрватска.

Имено, додека во Подстрана кај Сплит, во присуство на премиерот Пленковиќ, двајца министри и сплитско-далматинскиот жупан, беше отворен уште еден во низата незамисливо кич и визуелно трагикомични споменици на Туѓман, кој беше комплетиран со позлатен натпис во глаголица на постаментот, истата вечер во присуство на градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, бројни граѓански активисти кои со години работеа на таа идеја во организација на Српскиот национален совет и Антифашистичката лига и на крајот солиден број граѓани, на Сљеме, на местото каде што беа ликвидирани Александра Зец и нејзината мајка Марија, по повод тој случај открија спомен-плоча со детален натпис. Спомен плочата детално го опишува ужасот низ кој поминала Александра Зец и нејзиното семејство таа вечер, со експлицитно упатување на фактот дека се државјани од српска националност, а самиот градоначалник Томашевиќ зборуваше за сопствената генерациска блискост со Александра и дека е трагично што убијците, дури и кога го признаа делото, никогаш не одговараа.

И тука доаѓаме до очигледното. Зашто, освен што овие два спомен-обележја се разликуваат визуелно, естетски и содржински, тие се однесуваат на истиот период, ерата на Туѓман. Што еден дел од општеството го смета за несомнено и херојско, достојно за врежување во бронза и камен, додека другиот е совршено свесен за темнината и ужасот на таа ера кон цели групи граѓани. Првата во политичка смисла ја претставуваат владејачката ХДЗ, комплетната десница, професионалните здруженија на ветерани и Католичката црква, а втората од градоначалникот на Загреб, малцинските и антифашистичките организации, малите леви партии и делови од СДП. И за сето ова не треба да се има илузии за тоа која од двете Хрватска е побројна и во секој поглед помоќна и повлијателна. И тоа е првенствено затоа што најголемиот дел од општеството е целосно незаинтересиран да се занимава со темната страна на деведесеттите и морално индиферентен кон сите овие прашања кои суштински ја формираа реалноста и општествено-политичките односи во земјата и продолжуваат да ги формираат до ден-денес.

Така, и конкретно и метафорично, фактот за постоењето на две Хрватски се манифестираше во ист ден, но не на начинот на кој самиот Андреј Пленковиќ пред неколку месеци го опиша постоењето на тие две страни од политичкиот живот, онаа која води сметка на граѓаните и ги решава проблемите, односно неговата, и онаа другата, опозициска, која е деструктивна и го спречува напредокот. Оваа негова изјава би била смешна, дури и да не сме свесни дека ништо не може да се спореди со Фрањо Туѓман и ХДЗ по деструктивност на сите полиња.

Меѓутоа, прашањето за создавање мит за добриот Туѓман и херојското доба отиде многу подалеку од она што можеше да се замисли, надминувајќи го дури и глорификацијата на самиот Тито во 1980-тите. Ниту Тито немаше толкав број споменици на централните плоштади, вклучително и оние во Загреб и Сплит, дури и името на аеродромот во Загреб, и толкаво количество идолопоклонство, исчистено од секаква вистинска содржина, покрај сè уште многу живи сведоци и документи од таа ера. Особено ако се земе предвид дека тогаш немаше вистинска демократија, повеќепартиски систем и слободни медиуми, кои сега и формално и реално постојат. Но, тоа едноставно не допира до многумина, ниту пак успеа да го спречи создавањето на митот кој, без сомнение, наскоро ќе се претвори во догма.

Во овој мит нема место за приказната за аболицијата на убијците, за трагикомичните судења на Главаш и мачители од Лора, за иселувањето на луѓето од становите, ниту за приватизацијата на општествениот имот, за исчезнувањето на комплетната индустрија и местење на фудбалски првенства.

Од друга страна, тоа што споменатата спомен-плоча беше поставена на Сљеме, со присуство и говор на градоначалникот на Загреб, односно дека има видливо отстапување од ерата во која Оливер Фрљиќ (театарски режисер – н.з.) беше прогласуван за државен непријател и де факто беше избркан од државата, поради тоа што, меѓу другото, направи претстава за овој случај, повторно говори дека нешто е постигнато.

И сè заедно зборува за нешто многу подлабоко, т.е. постоење на длабок цивилизациски раскол во општеството што се манифестира во однос на деведесеттите и кој, според современото хрватско општество, е многу поважно од расколот во однос на наследството на Втората светска војна, или колоквијално кажано, на партизаните и усташите, иако е јасно дека овие односи ги црпат своите извори од истиот корен.

(Драган Марковина е хрватски историчар. Текстот е објавен во „Пешчаник“.)