Дваесетина мртви и над 300 повредени по земјотресот во Индонезија
Речиси 20 луѓе загинаа и најмалку 300 се повредени во земјотресот со магнитуда од 5,6 степени што ја погоди индонезиската покраина Западна Јава, соопшти локален офицер.
Херман Сухерман, владин функционер од Цијанјура, град во Западна Јава каде беше епицентарот на земјотресот, рече дека загинале до 20 луѓе во тој регион.
„Според информациите кои ги имам, само во оваа болница умреа речиси 20 луѓе, а најмалку 300 се повредени. Повеќето се со скршени коски откако останаа заробени во рушевините на зградите“, вели тој. Националната агенција за катастрофи јави за 14 починати.
Епицентарот беше на 75 км југоисточно од Џакарта, на длабочина од 10 км, објави метеоролошкиот и геофизички завод, додавајќи дека нема опасност од цунами. Земјотресот неколку секунди се почувствувал и во индонезиската престолнина Џакарта.
Некои од луѓето се евакуирани од бизнис центарот на Џакарта, додека другите јавија дека почувствувале тресење на зградите, додека мебелот се поместувал, велат сведоци за Ројтерс.
Надлежните повикуваат луѓето да останат надвор поради очекувани дополнителни потреси. Властите ги проценуваат размерите на штетата.