Дураки го замени Лика


Премиерот Зоран Заев повторно има пет заменици. Уште на првата владина седница по реконструкцијата, старо-новиот министер Садула Дураки, кој направи трансфер од животна средина во новиот ресор за политички систем, е именуван за вицепремиер, покрај Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Кочо Анѓушев и Бујар Османи. Дураки, всушност, доаѓа на местото на Хазби Лика, кој минатата седмица беше разрешен од вицепремиер, откако му беше ставен клуч на врата на Секретаријатот за Рамковен договор, чии надлежности практично се пренесени во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое презема и мал дел од ингеренциите на министерствата за култура и за образование и наука.

Од тој аспект, не случајно седиштето на новото Министерство е лоцирано во зградата на Владата – на „Илинденска“ број 2, односно во просториите што досега беа наменети за Секретаријатот за Рамковен договор, од каде што ќе бидат преземени и вработените. Дураки, пак, се смести во кабинетот на својот сопартиец Лика, кој и онака долго време бил празен, ако се имаат предвид информациите дека довчерашниот вицепремиер со месеци не доаѓал на работа и не учествувал на седниците на Владата. За разлика од него, Дураки барем бил редовен на работното место, иако во изминатите две години мошне ретко можеше да се види во јавноста, така што главно функционираше во сенка на својот заменик Јани Макрадули од СДСМ. Отсуството на министерот стануваше најочигледно во периодите на големо загадување на воздухот. Во ретките моменти на присуство на јавна сцена, Дураки главно излегуваше со несоодветни изјави, и за неговата позиција и за ресорот на чие чело беше до минатата седмица. Посебно запаметени останаа неговите забелешки дека не се занимава со граѓаните и дека партискиот лидер Али Ахмети, а не Заев како премиер, ги носи одлуките за тоа кои кадри на ДУИ ќе бидат во Владата.

Хазби Лика и заменик-министерката за финансии Елези

Откако досегашниот министер за екологија ротираше во нов владин ресор, а во четвртокот беше и унапреден во вицепремиер, станува јасно дека Ахмети ја донел одлуката, односно дека меѓу Лика и Дураки ја избрал личноста што другиот вицепремиер од ДУИ – Бујар Османи ја прогласи за носител на институционалната меморија на партијата. За поранешниот градоначалник на Тетово, Лика, пак, остана да се нагаѓа дали ќе премине во некоја од опозициските партии на Албанците, како што се шпекулираше, или ќе остане во ДУИ, каде што важеше за предводник на едно од крилата во тетовскиот огранок, така што и неговото отсуство од владата се сметаше за последица на внатрепартиски несогласувања.

Заедничко на Дураки и на Лика им е искуството во локалната власт. Лика беше градоначалник на Тетово (од 2005 до 2009 година), а Дураки на Липково (од 2009 до 2013 година). Другата заедничка точка им е учеството во ОНА поради што се сметаат за претставници на т.н. милитаристичко крило во ДУИ наспроти т.н. интелектуално. Но тоа е само една од линиите на поделба во владејачката партија на Албанците во земјава, каде што, како што се зборува, има судир и меѓу ограноците. Поради тоа, отстранувањето на Лика од Владата, наспроти зајакнувањето на позицијата на Дураки, се смета за превласт на струјата од кумановско-липковскиот регион наспроти тетовскиот огранок. Пред неколку месеци Лика беше разрешен и од организациски секретар во ДУИ, а на негово место беше назначен Артан Груби, од чаирскиот огранок на партијата. (А. М. М.)