ДУИ скандализирана од речникот на ВМРО-ДПМНЕ, а сепак сака да влезе во владата
Демократската унија за интеграција е скандализирана од навредливиот наратив на ВМРО ДПМНЕ кој го потврдува флагрантното кршење на изразената изборна волја на албанскиот народ и другите етнички заедници, чие соединување во Европскиот фронт се покажа како втора политичка сила во државата.
-Седумгодишниот антиалбански наратив наметнат од ВМРО-ДПМНЕ создаде искривена, неточна и опасна слика за нашата држава. За скандалозниот израз “Ахмети да престане да се однесува како палаво дете кое плаче за играчка која не е негова“, на ВМРО ДПМНЕ треба да им биде јасно дека Владата не е играчка во нивни и ничии раце и кршењето на волјата на суверенот е антидемократски чин и против Охридскиот договор.Демократската унија за интеграција останува доследна на својот став за почитување на гласот на албанскиот народ и другите етнички заедници, бидејќи тоа е единствената гаранција за стабилност и прогресивен континуитет на земјата.Оваа земја е заедничка и секој треба да придонесе за здрави меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и партнерство со Соединетите Американски Држави.
Никој да не мисли дека народот ќе дозволи враќање назад од започнатиот пат на еднаквоста и европскиот пат! Целосниот изборен и демократски легитимитет и кредибилитет му припаѓа на Европскиот фронт и безусловното вазалство на губитниците е предодредено да пропадне бидејќи ја нема поддршката од народот, порачаа од ДУИ.
Место ВМРО-ДПМНЕ, ним им возвратија од Вреди, порачувајќи дека 20 години краделе мандати крадејќи гласови на избори.
„Институциите како ДИК и Управниот суд утврдија дека на 8 мај ДУИ и Мултиетничкиот фронт се обидоа повторно да ја искриват волјата на граѓаните со закани и насилство.Затпа беше одлучено на 22 мај да се гласа во селото Ларце. Но, машинеријата на мултиетничкиот фронт повторно се обиде да врши притисок и закани врз жителите и членовите на комисиите, носејќи на гласачкото место како набљудувачи министри и полицајци од ДУИ со цел заплашување на жителите да излезат на гласање. Оваа слика повеќе наликуваше на воена состојба отколку на нормален ден за прегласување.Но, криминалните дејствија на ДУИ, синоќа ги отфрли самиот Административен суд кој немаше ниту една минимална забелешка за целиот процес на прегласување.Ларце ги демаскираше антидемократските и антиевропските политики на ДУИ и нејзините партнери кои 20 години по ред крадеа мандати користејќи ја власта за да крадат гласови и да ги заплашуваат Албанците во нивните домови“, возвратија од Вреди.
Ваквите препукувања меѓу двата албански фронта не сакаже да ги коментира евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Нема да коментирам внатрешнополитички случувања и изјави на лидери во земјата, изјави Гир“, прашан за изјавата на Ахмети дека дека со нивното невлегување во власта се прекршува Охридскиот договор.
Гир потоа рече дека она што е важно е дека според прелиминарната оценка на меѓународните набљудувачи, изборите беа демократски и се случија во мирна атмосфера.
„Го чекаме конечниот извештај на Меѓународната набљудувачка мисија, кои имаат заклучоци и препораки што е важно натаму да бидат спроведени. Сакаме да видиме формирање на стабилна влада што е можно поскоро. Сакаме да видиме и по формирањето на Владата, таа да ги засука ракавите и ќе ги спроведе реформите, како и нивна посветеност на европскиот пат. Да можеме колективно да работиме на заложбата и ветувањето на младите за да ја реализираме нивната европска иднина колку што е можно поскоро. Со тоа мислам на ЕУ тука во Македонија“, рече Гир.