ДУИ пред пораз ако се обедини албанската опозиција


Фото: Б. Грданоски

Албанските опозициски партии се обединат во предизборна коалиција, ќе следуваат тектонски промени во албанскиот политички блок, односно сигурна детронизација на ДУИ која во своето 17-годишно постоење 15 години е станар на „Илинденска“, сметаат аналитичарите.

Засега никој не е убеден во реализација на едно такво „братско сценарио“ меѓу Алијансата за Албанците и Беса, кое би ја довело во сериозна опасност самоувереноста на Доколку лидерот на „интегративците“ Али Ахмети, кој завчера во обраќањето пред граѓаните на Боговиње им упати порака на политичките противници – „ние сме мисионери, нема сила што може да нè победи“.

„Токму денес, датумот 12 април 2020 година, го гледам како голема победа на Демократската унија за интеграција. Со една ваква Унија, нема сила што може да нè победи, бидејќи како прво имаме воспоставена мисија, идеали, а сега и функции. Нема функција без мисија, нема можности да се постигне целта ако ги губиш идеалите. Не само затоа што ова е наше семејство, но кажете ми една партија или движење кои имаат придонесено во ова земја повеќе од нашето семејство“, рече Ахмети.

Сè се поврзува со нашето семејство, ќе додаде Ахмети, од азбуката до Универзитетот, од правичното застапување до националните симболи.

„Сите се капитални инвестиции што ќе се користат од Албанците и тие се бесмртни, сите тие ги создаде нашето големо семејство Демократската унија за интеграција како продолжение на Ослободителната народна армија“, нагласува Ахмети.

Големиот оптимизам на Ахмети на стартот од предизборната кампања која практично неформално е почната, според аналитичарите, нема реална подлога ако се има предвид драстичниот пад на популарноста на ДУИ кај гласачкото тело, што се случи во периодот меѓу двата изборни циклуса во 2014 и 2016 година. Во 2014 година ДУИ освои 153.000 гласа, а две години подоцна само 86.000, бројка која горе-долу ја потврди и преку советничките мандати на локалните избори во 2017 година.

Тие локални избори го изместија редоследот на партии во албанскиот политички блок. Ако ДУИ стагнираше со гласовите, а Беса изгуби околу 10 илјади гласа од оние 57.000 освоени на парламентарните избори десет месеци порано, единствена партија која порасна е Алијансата, која успеа да освои над 50 илјади гласови (на парламентарните освои 35.000) и да ја помине Беса како втора албанска партија. Во меѓувреме, се случуваа неколку работи кои дополнително ја менуваат сликата во албанскиот блок на партии. По локалните избори Алијансата на Албанците излезе од Владата, а потоа се случи и расколот во Беса и влезот на едното крило во извршната власта – тоа на Африм Гаши кое го добива името Алтернатива.

Од Алијансата за Албанците велат дека се отворени за преговори и соработка со Беса на Билал Касами, но и со Алтернатива на Африм Гаши. Ако тоа не е можно, Алијанса би настапила заедно со Беса, но тие да се лидер во таа коалиција против ДУИ бидејќи, како што велат, и изборните резултати покажуваат дека електоратот ним им ја дава таа улога. Беса не исклучува соработка со Алијансата, но не ја сака Алтернатива во истото друштво.

„Уште е рано да се зборува за евентуалните коалиции. Лично мислам дека опозициските партии ќе се одлучат за таа, според мене, добитна комбинација. Алијансата и Беса веќе соработуваа на локалните избори, па никакво чудо не би било доколку тоа го сторат и сега“, вели аналитичарот Кенан Алиу. Тој не ја исклучува можноста и анимозитетот меѓу Беса и Алтернатива да биде надминат и на крајот да победат долгорочните интереси.

„Притисокот за коалиција во албанскиот политички блок доаѓа од самите гласачи. Евентуалното обединување неминовно ќе го зголеми ентузијазмот и мотивацијата кај албанскиот електорат да излезе на гласање. Во таков случај убеден сум во пораз на ДУИ“, вели Алиу.

Засега владејачките СДСМ и ДУИ дејствуваат како едно. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, како гостин на „Клан“ потврди дека македонскиот премиер Зоран Заев бил решен да си даде оставка по ветото во Брисел и неуспехот Македонија да добие зелено светло за старт на преговорите со ЕУ, но коалицискиот владин партнер Али Ахмети го убедил да не го прави тој чекор. Аргументот бил, како што рече Груби, дека тоа не е неуспех на Владата, туку грешка на Европската Унија.

Премиерот Заев, пак, деновиве во контекст на тоа кој македонски политичар е популарен кај Албанците влезе во пресметка со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку грбот на генералниот секретар на Алијансата, Арбен Таравари. Откако Мицкоски рече дека Албанци во Гостивар го прегрнувале и му велеле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, Заев му врати дека можел да се гушка само со генералниот секретар на ДУИ, Таравари, или некои негови луѓе, дообјаснувајќи потоа дека тој може да се гушка само со некој со кого директно соработува.

Ваквата јавна преписка отвори дилема во јавноста – дали Заев најавува предизборна коалиција со ДУИ и, ако не, дали тој самиот влегува во сериозен ризик за намалување на шансите за формирање влада при евентуална победа на албанската опозиција на претстојните парламентарни избори.

„Мислам дека тоа беше еден вид ад хок изјава на премиерот. Своевидна иронија од која гледам дека господинот Таравари е навреден. Политиката не е математика. Правилото на формирање влада меѓу победниците на изборите повеќе не постои. Без оглед на сè, не може да се исклучи ниту евентуално формирање нова влада меѓу СДСМ и Алијансата, доколку освоените мандати им го овозможат тоа “, нагласува Алиу. (Н.К.)