ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ објавија победи во неколку општини


Бујар Османи на прес-конференција објави дека ДУИ, во прв круг добиле градоначалник во општините Липково, Сарај и Пласница. Од партијата исто така објавија дека се блиску до победа во Боговиње и во Чаир.

-Според прелиминарни резултати од досега изброените гласови, уште во првиот круг очекуваме победа на ДУИ во Сарај, Пласница, Липково. ДУИ има предноста во сите други општини каде учествува со свои кандидати и можам да кажам целиот дел е озеленет. Според првичните сознанија, ДУИ е во предност на пример во Чаир. Во Куманово соодносот е 3-1 за ДУИ. Трендовите водат кон голема победа на ДУИ, изјави Бујар Османи. Од Алијансата за Албанците пак објавија дека Арбен Таравари победил во првиот круг.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак објавија дека имаат градоначалник уште во првиот круг во    Прилеп, Виница, Петровец, Јегуновце, Могила, Сопиште, Карбинци, Новаци, Босилово, Василево, Кавадарци и во Градско. Од партиски извори се пушта и веста дека победиле во општина Илинден каде што партијата му сврте грб на Жика Стојановски, градоначалникот со најмногу мандати досега во Македонија кој се тркаше сега како независен, но за неа сепак нема никаква потврда. Според информации на ВМРО-ДПМНЕ водство  бележат во  Битола, Штип, Охрид, Кичево, Велес, Св.Николе, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Гази Баба. Во Аеродром, од партијата најавуваат дека е можна победа во првиот круг од локалните избори, иако на улиците на населбата членови на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да слават. Исто се случува и во Охрид каде што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков се прогласи за победник во првиот круг.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак, од СДСМ објави дека очекуваат победа уште во првиот круг во Дојран, Крива Паланка, Лозово, Валандово и Делчево, а водат сериозно во Бутел, Ресен, Крушево, Струмица, Пехчево, Берово, Карпош, Шуто Оризари, Пробиштип, Богданци и општина Центар. Градоначалникот на Крушево нешто подоцна објави на Фејсбук дека веќе го добил вториот мандат.

Од штабот на Максим Димитриевски, пак, најавија дури и прослава во Куманово, иако од СДСМ тврдеа дека водат таму и очекуваат победа во вториот круг.