Државата не знае ни колку возила поседува, а тешко регистарските таблички да ги замени со оние во боја до избори


Фото: Б. Грданоски

Службените возила да добијат регистарски таблички во друга боја со цел да се препознаваат, односно да се спречи нивната злоупотреба, па во партиски цели да се возат на митинзи, одлучи неодамна Владата. Сепак, иако најавено сите службени возила да ги заменат табличките до 15 септември, тоа најверојатно нема да се случи. Имено, денеска, при промоцијата на новите регистарски таблички, на паркингот кај салата „Борис Трајковски“, директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски рече дека ќе остават на сите државни институции тоа да го сторат до 29 септември, односно денот кога почнува камапањата за локалните избори. Но, доколку и тоа не биде направено, можноста за смена на табличките ја имаат при првата следна регистрација на возилата, што може да биде кога и да е во следната речиси една година. Државата нема ни целосен регистар на сите возила кои ги поседува.

Исто така, признава Томовски, правилникот не предвидува никакви санкции и казни, ако замената не биде направена .

Фото: Б. Грданоски

– Ако некој проба да ја избегне обврската и не сака да ги брендира возилата, како што рече директорот на СОЗР, кога ќе дојде датумот за регистрација на возилото, секако ќе ги добие новите црвено-жолти таблички. Во меѓувреме нема да има казни бидејќи, како што додава, тоа не го предвидува правилникот. Да оставиме простор до крајот на неделата односно до понеделник, чинам дека сите институции ќе одговорат – рече Томовски на денешната презентација.

Владината одлука предвидува  замена на регистарските таблички на возилата во државна сопственост со специјални црвено-жолти таблички кои се воведуваат за полесно распознавање на возилата.

Рокот за смена на табличките е 15 септември, но Томовски вели дека ако институциите не одговорат дотогаш, ќе може да го сторат тоа до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори.

Одговарајќи на новинарски прашања дали институциите ќе се соочат со санкции ако во периодот до регистрацијата на возилата не ги променат табличките, Томовски вели дека правилникот не предвидува казни.

„Но, тука сте вие медиумите, тука сме ние институциите да ви дадеме информации со какви возила располага државата, тука е ДКСК која има веќе некаков регистар каде што ние како инстиуции бевме задолжени да пријавуваме. Еве, да оставиме простор до понеделник, чинам дека сите институции ќе одговорат“, додаде првиот човек на СОЗР.

Томовски посочи дека со мерката се опфатени сите возила во сопственост на државата – владините возила, општинсите возила, возилата на јавните претпријатија. Со измените на правилникот, кои се очекуваат во текот на годинава, од обврската за смена на табличките ќе бидат исклучени оние за специфични намени како дел од возилата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и дел од возилата на МВР.

Фото: Б. Грданоски

Грубата бројка на службени возила, како што рече Томовски, е некаде од 7.000 до 7.500.

„Немаме точна бројка бидејќи немаме ни соодветен регистар во државата. Тоа како обврска го презема Министерството за внатрешни работи, заклучно со 31 декември, да го изработи тој регистар и конечно да имаме јасна слика за тоа со какви возила располага државата“, додаде тој.

Одлуката за промена на табличките на сите службени возила во сопственост на државата беше донесена на владина седница на 29 јули.