Дроновите забранети во делови на Њујорк и Њу Џерси, полицијата може да ги уништи


Американските воздухопловни власти забранија употреба на беспилотни летала на 22 инфраструктурни локации во Њу Џерси и уште 29 во Њујорк во период од 30 дена по нивниот зголемен број во источниот дел на САД.

Новите мерки и дозволуваат на владата да употреби „смртоносна сила“ против беспилотните летала доколку тие претставуваат „безбедносна закана“. Луѓето кои користат дронови во ограничени области може да бидат уапсени.

Овој потег доаѓа откако серијата мистериозни видеа со беспилотни летала во Њу Џерси и други американски држави ја вознемирија јавноста и ги поттикнаа теориите на заговор за странска вмешаност.

Властите не дадоа дефинитивни одговори, но американскиот претседател Џо Бајден рече дека тоа не е ништо „злобно“.

Во наредбата се наведува дека ниту еден дрон не може да лета под 122 метри, што е максимална висина за рекреативни дронови според правилата на Федералната управа за воздухопловство. Забраната во Њу Џерси истекува на 17 јануари, но онаа што го покрива теренот за голф на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Бедминстер продолжува до 31 јануари, односно по неговата инаугурација.

Неколку ограничени зони се лоцирани околу инфраструктурата, како што се трафостаниците, додека други покриваат области на пристаништата и воздушниот простор околу воените објекти и аеродромите.

ФАА наведува дека неколку агенции, како што се органите за спроведување на законот и цивилната одбрана, не се предмет на забраната.

Неколку часа по воведувањето на мерките во Њу Џерси, истото беше направено и во Њујорк. Тој ќе биде во сила до 18 јануари.

Американците со недели известуваат за беспилотни летала во близина на воените бази, крајбрежјето и околу инфраструктурните објекти. Пентагон претходно ги отфрли тврдењата дека беспилотните летала им припаѓаат на Иранците, додека ФБИ вели дека има „малку претерување“ кога станува збор за оваа тема.

Бајден рече дека ситуацијата се следи и дека во моментов нема никаква опасност. Од друга страна, државните влади бараат поголема моќ за контрола на малите дронови. Претходно оваа недела, гувернерката Кети Хочул рече дека официјалните лица и испраќаат систем за детекција на беспилотни летала.

Меѓу оние кои се сомнителни е Трамп, кој тврди дека „владата знае што се случува“, но дека „поради некоја причина не сака да коментира за тоа“. Сепак, тој додаде дека „не верува дека тоа се непријателски беспилотни летала“.