ДПМ станува привлечна асоцијација: Врачени годишните награди и соопштени почесните членови

На неодамнешниот Конкурс за прием на нови членови на ДПМ се пријавија дури 69 кандидати, а беа примени само девет, изјави претседателот на Асоцијацијата, Христо Петрески


Фото: Б. Грданоски

По повод 76 години постоење на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), денеска беа врачени годишните награди за критика и есеј, поезија, проза и литература за деца и млади, а беа соопштени и новоизбраните почесни членови на ДПМ од странство.

Наградата за критика и есеј „Димитар Митрев“ ја доби Соња Стојменска-Елзесер за книгата „Книжевен бинокулар“, наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески” беше доделена на Ели Маказлиева за книгата поезија „Чудесен дар во годишен календар“, наградата за најдобра прозна книга „Стале Попов“ ја доби Венко Андоновски со неговиот роман „Папокот на светлината“, додека наградата за најдобра книга поезија  „Ацо Шопов“ беше доделена на Зоран Пејковски за поетската книга „Убавите жени“.

Фото: Б. Грданоски

Претседателот на ДПМ, Христо Петрески на денешното врачување на наградите посочи дека Друштвото е престижна и привлечна асоцијација, а доказ за тоа е и неодамнешниот Конкурс за прием на нови членови на кој се пријавија дури 69 кандидати, а беа примени само девет.

Според Петрески, и заинтересираноста за наградите на Друштвото на писателите на Македонија се уште е на завидно ниво. И понатаму најбројни се поетските и прозните книги, а во пораст е и бројот на критичко-есеистичките дела и книги за деца и млади. Но, иако и во претходните години немаше поголема и вистинска конкуренција за наградата „Мост“, минатата година не пристигна ниту една книга, па оваа награда сериозно е доведена во прашање.

Фото: Б. Грданоски

– Друштвото на писателите на Македонија по пандемискиот период продолжува со своите тековни и редовни активности, иако се соочува со финансиски и кадровски проблеми. Но, сега е постојано отворено од 9 до 14 часот, исчистено и средено, иако претстои уште многу за досредување и доуредување, па и потемелно и посеопфатно обновување и реновирање, но за тоа сега нема средства, додаде Петрески.

Тој информираше дека ДПМ потпиша спогодби за соработка со здруженијата на писателите на Србија и на Црна Гора, а се прават подготовки за соработка со Албанија и обновување на соработката со Бугарија. Истовремено, се интензивирани контактите со македонски писатели од Гетеборг, Сомбор и Шибеник. 

Годинава, како што соопшти Петрески, за почесни членови на ДПМ од странство се избрани Влатко Крамариќ од Хрватска, Ала Шешкен од Русија и Ана Багрјана од Украина.

Фото: Б. Грданоски

Есеистичката книга „Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои Стојменска-Елзесер ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. 

– Оваа награда ја сфаќам како признание на мојата повеќегодишна дејност во областа на критиката и есеистиката. Книгите од овој вид се книги за други книги. Многу често авторите на овие книги се во втор план, не се ни забележуваат, важно е да се забележат книгите за кои се говори во тие книги. Оттаму, ваков тип на награда посебно ме импонира затоа што еве, конечно и критичкиот текст станува нешто што се вреднува на исто рамниште како уметничко творечкиот текст, рече денеска авторката Соња Стојменска-Елзесер по повод врачување на наградата.

Фото: Б. Грданоски

Во образложението на жири Комисијата за наградената книга „Чудесен дар во годишен календар“ на авторката Ели Маказлиева, се вели дека ова дело има јасна визија, изградена концепција и осмислена структура. Оваа поетска стиховница за деца е вистински креативен, творечки, поетски дар за децата од реномираната, зрела, изградена авторка на неколку децениски опус на литературата за деца.

– Верувам дека секој оној кој пишува за децата би сакал да ја добие оваа награда. Децата ми се инспирација повеќе од 30 години. Јас многу се израдував за наградата, пријатно е чувството и на радоста и нема крај, рече авторката Макзлиева откако и беше врачена награда.

Фото: Б. Грданоски

Според жири Комисијата за наградата „Стале Попов“, „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски говори за возбудливо одгатнување неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту книгата.

– Оваа награда ја добивам по трет пат, но се чувствувам како да ја добивам првпат. Тоа е затоа што Стале Попов и Славко Јаневски се фактички две страни на една иста паричка. Не можете да ги раздвоите нивните романи, тоа е почетокот на нашата прозна азбука која ние сега ја развиваме, но без тие две букви први немаше да има ништо. Наградата ми е драга и да можат сто пати да ја добијам и сто пати ќе ја прифатам затоа што ме враќа на азбуката на нашата книжевност, додаде Андоновски.

Фото: Б. Грданоски

Во образложението за одлуката за наградата „Ацо Шопов“, која беше доделана на Зоран Пејковски за „Убавите жени“, жирито наведува дека книгата, структурирана во четири поетски циклуси, како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и дека таа изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото.

 Наградата „Ацо Шопов“ за мене е и национален и светски чин во исто време, бидејќи метафората на Ацо Шопов е дека светот е Македонија и Македонија е светот, и сите ние ја носиме како еден поетички тестамент кој се огледува во сето негово книжевно дело бидјеќи во неговата поезија постои една Шекспировска димензија како прв препејувач на Хамлет, до неговата фасцинација  во македонскиот јазик кој може да се открие и во раѓањето на зборот и во небиднина и во песна на црната жена и во многу други негови поетски дела, рече авторот Пејковски по повод врачување на наградата. 

Фото: Б. Грданоски