Донирани срце и бубрези од почината пациенка – исполнета нејзината последна желба
Уште една пациентка решла своите органи, по смртта да ги донира на оние кои им се потребни.
Информацијата ја сподели министерот за здравство Венко Филипче, кој напиша дека утрово, на клиниките за кардиохиругија и урологија започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор.
– По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези од донорот. Сите неизмерно благодариме и се поклонуваме пред огромната човечка хуманост на 42-годишната пациентка која ја загуби битката со животот ѝ ја исполнуваме нејзината последна желба – нејзините органи да бидат донирани. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40-ина години кои се на дијализа – соопшти министерот Филипче.
Потсетува дека почнувајќи од мај 2020 година, досега извршени се експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега, едно коскено ткиво.
Тој им посакат успешна работа на колегите од КАРИЛ, Клиниката за каридохирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за нефрологија, Институтот за трансфузиона медицина и Институтот за радиологија, а изрази сочувство до семејството на 42-годишната пациентка и неизмерна благодарност за нивната хуманост и добрина.