Долга економска зима

Веројатно ниту најголемите илузионисти во светот не би можеле да смислат решение како во услови на постојани барања за намалување на давачките и разни даночни и други ослободувања, да се најдат доволно средства да се исплатата нараснатите потреби


Руската инвазија врз Украина донесе огромни страдања на луѓето од погодените подрачја, но и долга и неизвесна економска зима во светската, пред сѐ европската, а со тоа и во македонската економија. Ова е неподелено мислење на економистите кои предупредуваат дека во глобални рамки земјите се соочуваат со период на економска стагнација проследена со висока инфлација (или со економски речник: стагфлација), па дури и дека економијата се движи на работ на рецесија. Во овој вител е и нашата земја.

Владата кај нас, невообичаено брзо, две недели по почетокот на војната во Украина, излезе со пакет мерки кои според нејзината сопствена пресметка се во вкупен износ од околу 400 милиони евра и со кои ќе се обиде да ги намали негативните последици од кризата врз граѓаните и стопанството.

Мислењата за мерките се поделени – од една страна владините претставници убедуваат дека се добро дизајнирани и во согласност со домашните капацитети. Стручната јавност генерално ги оценува позитивно, но и забележува дека не се доволно таргетирани, односно дека повеќето од мерките се линеарни, а само мал дел се насочени кон најзагрозените категории граѓани и стопански сектори. За опозицијата, накусо, мерките се недоволни и задоцнети, па затоа нуди сопствени мерки за кои вели дека се вистинските.

Настрана ваквите дебати, кои во основа се полезни, многу е важно мерките да се реализираат што побрзо со цел да имаат ефект. Некои од нив, како помошта од по илјада денари во текот на три месеци наменета за најранливите, со оглед на брзината со која се менуваат цените лесно може да биде „изедена“ од инфлацијата уште пред да стигне до оние на кои таа помош им е најпотребна.

Голема непознатица е и како ќе се однесуваат пратениците во Собранието за дел од мерките за кои се потребни законски измени, особено имајќи предвид дека тука решенијата кои ги предложи Владата и оние на опозицијата се различни. Главен судир се очекува за акцизите, односно давачките за горивата, за што и опозицијата има доставено свој предлог до Собранието. Доколку во Собранието дојде до блокада, која нема да биде прва од ваков вид за важни и ургентни прашања, тогаш и ефектите од мерките нема да бидат онакви какви што се очекуваат, бидејќи треба да се има предвид дека токму цените на енергенсите се едни од најбитните фактори кои што придонесуваат за раст на инфлацијата која кај нас. Мерена преку порастот на трошоците на живот, таа во февруари се искачи на 7,6 отсто, додека цените во однос на истиот месец лани беа повисоки за 8,6 отсто.

Со оглед на распоредот на силите во парламентот, јасно е дека владиниот предлог за намалување на ДДВ и на акцизите за ублажување на ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата, има предност. Без оглед што од опозицијата упорно повторуваат дека таквиот предлог е комплициран и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата, како и дека со нивното решение за намалување на акцизата кај нафтените деривати, бензинот веднаш би поевтинил за 13 денари, а на дизелот за девет.

Една од големите непознатици, дури и за обично упатените економисти, е од каде ќе се обезбедат средства за финансирање на зголемените и вонредни расходи, предизвикани од неочекуваната и продолжена криза, во услови кога фискалниот простор за такво нешто е речиси целосно исцрпен. Јавниот долг е над 60 отсто од домашниот бруто-производ, буџетскиот дефицит е над 4 отсто, светот стравува од промена на монетарната политика на американската и европската централна банка што неминовно ќе доведе до пораст на каматите, но и на цената на кредитите, неизвесноста на финансиските пазари исто така ќе има влијание врз цената по која евентуално ќе се задолжува земјата… Вицепремиерот Фатмир Битиќи во „Топ тема“ на Телма рече дека државата годинава ќе се откаже од околу 90 милиони евра приходи во Буџетот како резултат на намалувањето на акцизата, данокот на додадена вредност и другите интервенции во пакетот од 26 мерки кои беа вчера претставени од страна на премиерот Димитар Ковачевски.

Од друга страна, пак, очекувањата во речиси сите стопански сектори се дека државата треба да им помогне, што меѓу другото се должи и на популистичкиот пристап кој се негува со години за доделување разни субвенции без да се направи пресметка каков е нивниот ефект врз гранките во кои се слеваат милиони евра јавни пари. Најдобар пример за тоа е земјоделството, каде што секоја година се даваат стотици милиони евра, а ние сѐ уште сме нето увозник на истите тие земјоделски производи, земја која самата не може ги обезбеди ниту основните и стратешки прехранбени производи. Никој не е против поттикнувањето на важни делови од стопанството, но ефектите од таквата помош мора да се имаат предвид.

Популизмот кај нас го негуваат и власта и опозицијата и во тоа безмилосно се натпреваруваат. Па така, на пример, од опозицијата вчера како мерки кои ќе помогнеле за излез од кризата ги издвоија зголемувањето на платите во јавната и државната администрација, во образованието, здравството, полицијата, армијата, државната управа на централно и локално ниво, како и јавните претпријатија, потоа зголемување на пензиите за 20 отсто, итен ребаланс на буџетот со цел да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите… Паралелно со ова, како што велат, треба да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија…

И сето ова кога истата таа опозиција обвинува дека зголемувањето на минималната плата и на пензиите е популизам, кога вели дека јавниот долг е голем, дека нерационално се трошеле буџетските пари…

Во вакви околности веројатно ниту најголемите илузионисти во светот не би можеле да смислат решение како во услови на постојани барања за намалување на давачките и разни даночни и други ослободувања, да се најдат доволно средства да се исплатата нараснатите потреби. Освен, се разбира, доколку сериозно не се сфатат апелите за рационализација на непотребните трошења (а такви има премногу) и на значајно намалување на просторот за избегнување на обврските кон државата.

А, колку малку време е потребно светот да се преврти на глава, а со тоа и очекувањата за стабилен економски раст, покажаа изминатите две недели од кога почна руската инвазија врз Украина.

Цената од овој глобален тобоган не ја одмина ниту Македонија – тоа го чувствуваме сите на најдиректен, па дури и брутален начин – кога ќе одиме да пазариме во маркетите, да наточиме гориво на бензиска пумпа или кога треба да се плати сметката за струја.

Но, за жал, тоа не е најлошото. Економијата кај нас ја чека долга и неизвесна зима, која како и снегот и студот што секојдневно нѐ изненадуваат без оглед на приближувањето на календарската пролет, секојдневно се „смрзнува“ од информациите и шоковите кои доаѓаат од светските пазари на суровини и прекинатите синџири на снабдување.

Вистината, колку и да е непријатна, треба да се знае. Едно парче од мозаикот го соопшти првиот човек на Германското стопанско здружение во земјава, Патрик Мартенс, кој во својата „Утринска телеграма“ предупреди дека поради војната во Украина многу германски производители во автомобилската индустрија се принудени да го стопираат своето производство, што ќе има директни последици и на компаниите производители од автомобилската индустријата во земјава.

Не треба многу да се елаборира колкаво е значењето на овој сектор за целокупното стопанство и за надворешно-трговската размена. Доволно е да се спомене дека извозот од технолошко извозните развојни зони (ТИРЗ), каде што главно се лоцирани овие компании, во февруари достигнал 340 милиони евра што, за 30 проценти повеќе во однос на истиот период лани и за над 36 проценти повеќе во однос на јануари годинава. Слично е и со увозот кој бил 300 милиони евра. Не е занемарлив и бројот на вработени – 14.430 лица. Но, вистинското значење се гледа нивното учество во вкупниот извоз на националната економија кој во февруари било 48 отсто со тенденција за понатамошен пораст.

Циниците би рекле – денеска е полошо од вчера, но подобро од утре.