Доларот зајакна втора недела по ред
На глобалните пазари, доларот зајакна во однос на кошничка валути минатата недела по втор пат по ред, бидејќи кризата на Блискиот Исток ги поттикна инвеститорите да бараат побезбедни засолништа за капиталот.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, порасна за 1,6 проценти минатата недела, на 100,49 поени.
Во исто време, доларот зајакна во однос на европската валута за 1,7 проценти, па еврото се лизна на 1,1415 долари. Американската валута зајакна и во однос на јапонскиот јен, за 1,2 проценти, па цената на доларот достигна 159,70 јени.
Инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции бидејќи цените на нафтата скокнаа за повеќе од 35 проценти во последните две недели, откако започнаа нападите на САД и Израел врз Иран.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп со денови вели дека САД и Израел победиле, кризата на Блискиот Исток не се смирува. Иран продолжува да ги ракетира Израел и соседните земји и не дозволува танкери да минуваат низ Ормутскиот теснец, што го потресе пазарот на нафта.
Силниот и продолжен пораст на цените на нафтата би можел да има многу негативно влијание врз економиите на еврозоната и Јапонија, кои во голема мера зависат од увозот на нафта, додека американската економија би можела да се справи малку подобро бидејќи САД се нето извозник на нафта.
„Инвеститорите ја намалуваат прекуграничната изложеност и го преместуваат капиталот во побезбедни засолништа, додека валутите на земјите што се нето увозници на енергија се под притисок“, објаснува Карл Шамота, стратег во Корпеј.