Документарци за „Лајбах“, „Панкрти“ и „Булдожер“ во Кинотека

Три музички документарци во словенечка продукција ќе бидат прикажани денеска и утре во Кинотека, во рамки на августовската кинотечна програма.
Под генерален наслов „Музиката е уметност на времето“ (Glasba je časovna umetnost), Игор Зупе реализира два документарни филма – за албумите на словенечките бендови „Лајбах“ и „Панкрти“, а Варја Мочник – за пресвртничкиот деби-албум „Плукни ѝ на вистината в очи“ (Pljuni istini u oči) на рок-групата „Булдожер“.
Документарците за првиот официјален домашен албум на контроверзниот арт-бенд „Лајбах“ и за бендот „Панкрти“ и нивниот деби-албум „Dolgcajt“ (на англиски преведуван како No Fun), ќе бидат прикажани вечер од 20 и од 21 часот, а за „Булдожер“ утревечер од 20 часот.
Гости на проекциите ќе бидат документаристот Игор Зупе и филмскиот режисер Андреј Кошак.
– Реализирани во почетокот на 1980-тите години, албумите на овие бендови ги поставија темелите на музичкиот и социополитичкиот бунт во Словенија, како што во Загреб и Белград паралелно се тркалаа настаните во ритамот на „новиот бран“, соопшти Кинотека.
Трите документарни филмови Кинотеката ги прикажува во соработка со Амбасадата на Словенија во Скопје.