Дојче банка: Младите Американци ќе ја искористат државната помош за купување акции
Истражувањето на Дојче банка покажува дека младите Американци ќе потрошат значителен дел од парите што ги добиваат од државата (т.н. стимулативни чекови) за купување акции.
Одговорите на истражувањето спроведено меѓу 430 мали инвеститори покажале дека половина од младите на возраст од 25-34 години планираат да потрошат 50 отсто од нивните стимулативни исплати на акции, што ја наведува германската инвестициска банка да каже дека „голема сума на претстојните чекови за стимулации во САД најверојатно ќе најдат пат до акциите”, пренесува СЕЕбиз.
Според истражувањето, младите на возраст од 18 до 24 години планираат да користат 40 отсто од стимулациите на купување акции, а испитаниците на возраст од 35 до 54 години, планираат да искористат 37 отсто од ваквата финансиска помош за да инвестираат на берза. Испитаниците постари од 55 години изјавиле дека ќе инвестираат само 16 отсто во акции.
Анкетата преку Интернет, предводена од стратегот на Дојче банка, Параг Тате, објавена кон крајот на минатиот месец, покажа дека испитаниците планираат да инвестираат голем дел (37 отсто) од кој било иден стимул директно во акции, што може да претставува значителен прилив на пазарот од 170 милијарди долари.