Доделени наградите за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“


Фото: Б. Грданоски

Награди за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, објавени во периодот мај 2025 – април 2026 година, додели денеска Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Добитникот на првата награда е Михаил Милошевски за сторијата „Како Македонија ќе го напушти јагленот без да ја загуби енергетската стабилност“, објавена на порталот „360 степени“.

Врачување на првата награда (Фото: Б. Грданоски)

Втората награда ја добија Александар Методиев и Сузана Мицева од „Нота.мк“ за документарниот филм „Нелегалните патишта на отпадот“.

Врачување на наградата на Александар Методијев и Сузана Мицева (фото: Б. Грданоски)

Третата награда ја доби Валентина Вурмо за сторијата „Дали, освен сопственото, нè труе и странско ѓубре“.

Врачување на наградата на Валентина Вурмо (фото: Б. Грданоски)

Добитниците се заблагодарија за наградите и посочија дека наградите им значат и дека сториите и филмот се резултат на нивна повеќемесечна ангажираност. По доделувањето на наградите, беа поделени и неколку пофалници.

Претседателот на СЕММ, Леунора Калиќи, рече дека доделувањето на наградите го организираат во пресрет на 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, ден што потсетува дека слободното, одговорно и професионално новинарство не е привилегија, туку темел на секое демократско општество.

– Оваа година на конкурсот пристигнаа 29 стории од 16 автори. Тоа е бројка што охрабрува. Сите пристигнати прилози покажуваат дека кај новинарите постои сериозен интерес, чувствителност и професионален однос кон теми што се од исклучителен јавен интерес. Медиумите мора многу повеќе и многу подлабоко да известуваат за прашања што директно го засегаат квалитетот на живот на граѓаните – потенцира Калиќи.

Шефот на секторот за соработка при ЕУ-делеганцијата, Штефан Худолин, рече дека Европскиот зелен договор, кој почна во 2019 година, ја постави визијата не само за да се решат еколошките предизвици туку и да се реобликува економијата кон одржливост и отпорност и тоа е нивна долгорочна обврска за позелена и поправична иднина. Тој посочи дека се соочуваме со сè поголеми предизвици на лажни информации за климатските промени, кои го поткопуваат јавното разбирање и го одложуваат дејствувањето.

– Ние мораме да се потпираме на медиумите, а во некои случаи тие намерно се потикнувани од разни интереси, се шират бргу преку дигитални платформи, со што се зголемува збунетоста, а последиците од тоа се реални. Дезинформациите се опасни и за реформите, ја продлабочуваат општествената поделеност, ја поткопуваат волјата да се решаваат глобалните кризи. Во ваква средина квалитетното новинарство е незаменливо. Новинарите имаат клучна улога не само во известувањето за факти туку и за давањето контекст за преиспитувањето на лажните информации и да се осигурат дека граѓаните имаат пристап до точни информации. Ќе им оддадеме признание на новинарите што покажале интегритет и храброст во зборувањето за едно од најважните прашања на нашето време – додаде Худолин.

Фото: Б. Грданоски

Регионалниот координатор на УНЕСКО, Џошуа Масаренти, истакна дека глобалната тема во 2026 година нè потсетува дека слободата на медиумите е суштинска за да се изгради иднина врз основа на човекови, права, мир и безбедност.

– Оваа порака е мошне важна денес бидејќи, без пристап до реални информации, јавноста не може да одговори на кризите и да донесе одлуки. Без јавна дебата, новинарството станува послабо, а граѓаните се оставени ранливи. Новинарството треба да се вреднува особено во вакво време. Тоа значи да се препознаат храброста, професионалноста и одговорноста на новинарите, кои продолжуваат да работат за јавниот интерес, а кои често се наоѓаат во многу тешки услови – додаде Масаренти.

Фото: Б. Грданоски

Извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска, рече дека е разочарана од фактот што Македонија сè уште е еколошка црна дамка во регионот.

– Во едно интервју со Худолин, тој ми спомна дека регионов загадува многу повеќе отколку земјите во ЕУ. Не треба да се гордееме со тоа и ќе продолжиме да ги поттикнуваме новинарите да работат храбро, посветено, да останат на оваа тема, да има што повеќе вакви прилози во редовните содржини на медиумите – додаде Георгиевска.