Додека од чешмите во Гостивар течел отров, институциите спиеле, вели Левица

И за СДСМ реакциите на институциите се задоцнети и постои опасност епидемијата дополнително да се прошири


Левица преку соопштение реагираше по најновите информации од Основното јавно обвинителство – Гостивар за случајот со загадената вода за пиење, оценувајќи дека наодите покажуваат сериозен институционален пропуст и барајќи истрагата да ги опфати сите одговорни.

Од партијата тврдат дека, според информациите од обвинителството, во водоснабдителниот систем со пумпи била внесувана силно загадена површинска вода од отворен канал, која содржела високи концентрации на фекални бактерии. Дополнително, наведуваат дека во водата од чешмите било измерено ниво на резидуален хлор над законски дозволените граници.

Левица обвинува дека жителите на Гостивар речиси три недели биле изложени на ризик, додека, според нив, надлежните институции не презеле навремени мерки.

Во реакцијата се поставуваат прашања за постапувањето на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Тетово, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и Општина Гостивар, со оценка дека институциите не реагирале соодветно.

Партијата посочува и на стручно мислење издадено од Центарот за јавно здравје – Тетово на 29 јуни, во кое, според нив, било наведено дека испитаниот примерок вода ги исполнува законските критериуми. Од Левица бараат Обвинителството да ја обезбеди целокупната документација поврзана со тој извештај, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да спроведат дополнителни проверки.

Левица оценува дека приведувањето на тројца раководители од ЈП „Комуналец“ – Гостивар не смее да биде единствениот исход од истрагата и бара таа да ги опфати сите лица кои, како што наведуваат, наредиле, знаеле, прикривале или не постапиле навреме во врска со случајот.

Во интервју на телевизија 24, и членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, посочи дека во услови кога бројката на заболени е голема, кога не се знае и уште колку луѓе дома се лекуваат и кога постои опасност епидемијата дополнително да се прошири, задоцнетите реакции на институциите се недозволиви, бидејќи се работи за јавно здравје.
 
„Зборуваме за јавно здравје. Ако во превентивната здравствена заштита не заштитиме, тогаш веќе не станува збор за политика, не станува збор за чувства или за нешто друго. Овде станува збор за јавно здравје. Темата е многу чувствителна. Ние не знаеме колку има точно заболени, меѓутоа во разговор и со лекарите во Гостивар, но и со населението, се кажува дека ова трае многу поодамна“, рече Младеновска.
 
Младеновска предупреди дека задоцнетото прогласување на епидемијата и бавната реакција на институциите создаваат сериозен ризик од понатамошно ширење на заразата.
 
„Не знаеме колку лица се лекуваат дома. Може тој број да биде многу поголем. Не сакам да шпекулирам, но е загрижувачки што има толкав број заболени и што епидемијата многу подоцна се прогласи. Тоа може да значи и дека епидемијата ќе се прошири и во другите околни места. Ние сега имаме епидемија на гастроентерит, зборуваме за епидемија во која луѓето немаат вода за пиење, луѓето не можат да се измијат, не можат да ја одржуваат личната хигиена во текот на денот. И сето тоа води до една друга состојба, која се нарекува болест на нечисти раце, односно хепатит А. Јас не сакам да го заплашувам населението, само стручно ги кажувам фактите“, рече Младеновска.
Во интервјуто, Младеновска посочи дека секој чекор што требало навреме да го преземат надлежните институции – од превенцијата до кризното менаџирање, е направен со сериозно задоцнување.
 
„Не се доцни еден ден, се доцни пет дена, а не смее ниту еден час да се доцни. Значи, ние мора веднаш да делуваме. Немаме одговор од ЗЕЛС. Немаме одговор од Комисијата за заразни болести. Дали се состана Комисијата за заразни болести? Јас немам таква информација. Тоа се појдовните точки од каде што треба да почнат општите и специфичните мерки. Значи, некаде државниот апарат затаил“, рече Младеновска.

Таа нагласи дека за сите пропусти кои доведоа до сериозна закана по здравјето на граѓаните мора да има целосна одговорност, а институциите да обезбедат целосна транспарентност за сите околности поврзани со епидемијата. Младеновска потенцираше дека најголемиот пропуст е што институциите дозволиле превенцијата да потфрли, наместо да реагираат навреме и да спречат ваква здравствена криза.

„Водата е основно човеково право и секој има право на достапна и безбедна вода за пиење.Ако се водиме по народната поговорка „Подобро да се спречи отколку да се лечи“, тогаш ние денес ја живееме спротивната реалност. Ние не спречивме, туку лекуваме“, рече Младеновска.
 
За ВМРО-ДПМНЕ пак повторно СДСМ е крив иаско е јасно дека превентивата целосно затаила и дека институциите реагираат отпосле.
 

„Органите не работат според чувствата на СДС и Филипче, туку според факти и докази. А, фактите говорат за тројца приведени за труењето со водата, детална анализа за тоа како и што е загадена и целосна мобилизација на институциите. А, кога последен пат работеа чувствата на Филипче за профит, 14 живи изгореа во модуларната болница, направена од вицепремиерот во неговата влада и десетици илјади умираа од корона, додека Венко договараше приватни провизии за набавка на кинески вакцини.Ако имаше достоинство, Филипче немаше ниту да ја прифати улогата на маскота на партијата и чувар на тронот на криминалецот Зоран Заев“, стои во дегутантното соопштение на владеечката партија, која не се чувствува за ништо одговорна, ни кога е на власт, ни кога е во опозиција. 

од ВЛЕН пак ја поздрабвија „брзата реакција“ на институциите иако доцнеа и со прогласувањето на епидемијата, а фекалии течеле во водоводот речиси еден месец. 

„ ВЛЕН ја поздравува брзата реакција на надлежните институции и започнувањето на постапките за утврдување одговорност во врска со сериозната состојба во Гостивар.
Секој што, со дејствување или недејствување, придонел за овој скандал, мора да одговара пред правдата. Здравјето на илјадници граѓани на Гостивар беше загрозено како последица на негрижата и лошото владеење, а ова не смее да помине без одговорност, како што се случувало многупати во минатото. Очекуваме темелна, независна и сеопфатна истрага што целосно ќе го расветли случајот.
Воедно, го поздравуваме ангажманот на сите релевантни институции на централно ниво кои им излегоа во пресрет на жителите на Гостивар. Засегнатите граѓани ја добиваат потребната здравствена грижа, а се обезбедува и вода за пиење сѐ до конечното решавање на проблемот.
Уште еднаш се потврдува дека долгогодишното лошо владеење има своја цена, која денес ја плаќаат граѓаните: Гостивар без вода за пиење, Зајас без канализација“, порачаа од ВЛЕН.