Додека Мицкоски го чека одговорот од Ковачевски
Со дополнителните разјаснувања на преговорите, кој со што условува, кој што кажал и кој каков компромис понудил, станува јасно дека историската шанса не ја испуштаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку Македонија
Додека сѐ уште тече матната вода од преговорите меѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски и сѐ уште ечат навивачките партиски стадиони, се избиструва сознанието дека речиси ништо не е договорено. А, и тоа малку што е прифатено веќе не важи. Што воопшто не беше тешко да се погоди, имајќи ги предвид досегашните искуства на нашата парламентарна демократија. Со дополнителните разјаснувања кој со што условува, кој што кажал и сакал да каже и кој каков компромис понудил, станува јасно дека историската шанса не ја испуштаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, туку Македонија.
Сега се отвара старата, добро позната страница, кој е виновен за тоа и за сите наши несреќи и страдања на патот за Европа. Јалова јавна кавга за натамошно заглупување на јавноста. Додека Мицкоски во наредните неколку дена очекува одговорот на Ковачевски дали ќе ги прифати неговите барања, има нешто што може многу да му се допадне и веднаш да го прифати. А, тоа е целосно прифаќање на ултиматумите на ВМРО-ДПМНЕ, потешки и од грчките и бугарските блокади. Така Македонија дефинитивно ќе се спаси од европеизацијата, од диктатот на ЕУ, на Америка, и разбира се, на Бугарија.
Малку ќе ги надополнам барањата на Христијан Мицкоски кои произлегуваат од неговите разјаснувања по лидерската средба за да бидат сосема прифатливи.
Најдобро решение: Влада само на ВМРО-ДПМНЕ
Значи, Мицкоски бара преодна влада без ДУИ, мислам дека уште подобро е место преодна влада без ДУИ, да биде тоа постојана влада само од ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски, а може и наместо Артан Груби, втор или уште подобро прв премиер да биде Никола Груевски, во период од 10 до 15 години до конечното членство на Македонија во ЕУ. Добро би се вклопило и учество во владата на Левица со свои министри. Тука најмногу одговара за вицепремиер и министер за евроинтеграциии со посебни овластувања да биде Димитар Апасиев. Во тој случај, ќе влеземе во ЕУ експресно.
Нормално, тоа автоматски подразбира дека уставните измени за влезот на Бугарите ќе стапат на сила тогаш кога Македонија ќе биде редовна членка на ЕУ. На тој начин ќе отпадне потребата од предвремени и редовни избори и непотребни трошоци. Ќе нема потреба ни од работа на Собранието, кое и онака прескапо чини за малку работа и многу кавга.
Третото барање со надополнување на Мицкоски е гаранција за националниот идентитет и јазик. И ова барање може да отпадне оти за идентитетот и за јазикот нема поголема гаранција дека нема ништо да се смени од македонските посебности кога ВМРО ДПМНЕ е на власт. Дури тој идентитет може и да се зајакне со обнова на античкото потекло што предавниците на националните интереси го отстапија на Грција. Не треба да збунува што сега најголем адут е словенското потекло во налетот на бугаризацијата и асимилацијата. Одиме во освојување на Европа и со антиката и со словенството. Постојат добри шанси да им го смениме целиот образовен систем на Европа и да ги спасиме од заблудите со антиката и со Византија, што погрешно ги изучуваат со векови и што се основа на европската култура.
Логиката на ем шуто, ем боде
Да, едно од суштинските барања на Мицкоски е големиот економски пакет од ЕУ и од Америка за неповратна помош на Македонија. Тоа би биле скромни две-три милијарди евра годишно наместо сегашните стотици милиони евра. Тоа да се троши без дополнителни контроли, додека траат преговорите со ЕУ, колку да не избрзуваме многу со одлуките оти може да се распадне ЕУ, како што имаше предвидувања и за НАТО и за ЕУ во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. И конечно, не помалку важно, е заштитата на Македонците во Бугарија и во Грција преку ригорозно и итно спроведување на пресудите на Судот во Стразбур за заштита на човековите права и слободи. Засега толку, можно е да се јават и некои нови дополнувања кои се од суштински карактер.
И сега што ќе кажете, ова го нема ни во детското кино „Бамби“, кое веќе одамна не работи, што исто така е идентитетско злосторство, поголемо од сите овие инфантилни, алиби барања и ултиматуми против сопствената држава и народ.
Како поинаку може да се толкува опозициска партија да поставува услов која партија да излезе, а која да влезе од владата, онака на суво, без избори.
Или, уште пошашаво, уставните измени да важат по членството на Македонија во ЕУ, а тоа е европски предуслов за продолжување на преговорите по скринингот, што ќе рече од крајот на годинава. Која е таа логика од позиција на атомска велесила да се услови ЕУ да ја смени својата одлука. Тоа е логиката на „ем шуто, ем боде“. Па згора на тоа и побарувања за штедри економски пакети со неповратна финансиска помош од милијарди евра.
По сето ова, кога ЕУ, Грција и Бугарија ќе добијат уплав од условите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе побрзаат да ги спроведат одлуките на судот од Стразбур за заштита на човековите права и слободи кои ги забошотуваат повеќе од 20 години.
Би било многу паметно од патриотските стратези на ВМРО-ДПМНЕ за иднината на Македонија да се постави уште еден ултиматум до ЕУ и до Америка. Во случај во меѓувреме, додека се чека да стапат на сила уставните промени, да добиеме гаранција дека ако престане војната во Украина и се склучи мир, нема да извисиме од членството во ЕУ. И, нема да бидеме монета за поткусурување како што е вообичаено во мировните преговори на големите сили по војните кога се прават отстапки на сметка на малите земји. Никако не смее да не` заборават и наместо нас да влезат Молдавија и Украина. Тоа би било генијално решение кое ќе мора да го прифатат и Америка и Русија и Кина и Европа и сиот свет, оти Македонија е исклучително значен геостратегиски фактор во меѓународните односи. Многу повеќе од една кружна обиколница на скопските улици.
(Линк до текстот на Дојче веле овде)