Додадете една состојка во кафето и вашиот мозок ќе работи подобро! Неврологот објаснува зошто


Ако сте тип на личност која не може да започне разговор пред да го испие утринското кафе и уживате во тој ритуал, можеби треба да додадете состојка во вашиот омилен пијалок што може да го подобри здравјето на вашиот мозок.

Еве зошто кафето и циметот се совршен пар за утринско уживање и здравје на мозокот. Според д-р Шахин Лахан, невролог од Мајами, кафето е многу повеќе од обичен пијалок.

– Со сигурност можам да кажам дека кафето нуди неколку значајни придобивки за здравјето на мозокот. Кофеинот, примарната активна состојка, делува како стимуланс кој ја зголемува будноста, ја подобрува концентрацијата и може да ја подобри краткорочната меморија – објаснува д-р Лахан.

Бидејќи кафето е богат извор на антиоксиданси, може да помогне во заштитата на мозочните клетки од оксидативен стрес, што го намалува ризикот од дегенеративни болести како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.

Иако се потребни повеќе истражувања за ефектот на кафето за одложување на почетокот на Алцхајмеровата болест, д-р Лахан вели дека умереното внесување може да биде едноставен, но ефикасен начин за инвестирање во долгорочно когнитивно здравје.

Како помага циметот со кафе

Колку и да е корисно самото кафе за здравјето на мозокот и сознанието, додавањето на цимет може дополнително да ги подобри неговите придобивки, како и неговиот вкус.

– Циметот содржи соединенија кои можат да помогнат во регулирањето на нивото на шеќер во крвта, што е клучно за одржување на стабилна функција на мозокот во текот на денот. Исто така, тој е богат со антиоксиданси и има антиинфламаторни својства кои можат да придонесат за долгорочно здравје на мозокот, објаснува д-р Лахан.

Според анализата на 40 студии од 2024 година објавени во списанието Nutritional Neuroscience, циметот може значително да ја подобри когнитивната функција – учењето и меморијата – и да помогне да се спречи и намали оштетувањето на мозокот. Раните истражувања сугерираат дека циметот може да помогне во спречување или забавување на прогресијата на невродегенеративните болести, додава д-р Лахан, иако се потребни повеќе човечки истражувања за да се докажат овие тврдења.

Сепак, докторот се залага за кафе зачинето со цимет како безбеден и едноставен начин за зајакнување на одбраната на вашиот мозок со текот на годините.

– Не се работи само за вкусот, туку за обезбедување дополнителен слој на заштита на вашите неврони – вели тој.

Што да прескокнете

Циметот со кафе е едноставен трик за подобрување на утринскиот пијалок, а ова дуо се препорачува и за поддршка на здравјето на цревата. За да направите шолја кафе што е можно поздраво, откажете се од вештачките засладувачи како спартам, сукралоза и сахарин, кои негативно влијаат на цревните бактерии, а со тоа и индиректно на здравјето на мозокот.

Добро би било да се откажете од кремастите ароми кои често се додаваат во кафето. Многу од нив содржат големи количини на додаден шеќер и нездрави масти, кои можат да придонесат за воспаление и потенцијално да го зголемат ризикот од опаѓање на функцијата на мозокот со текот на времето, вели д-р Лахан.

Кафето нека биде што поприродно

Ако циметот не е доволен за да го задоволи вашето непце, д-р Лахан советува да се одлучите за поздрави алтернативи од оние наведени погоре.

– За оние кои сакаат кафе со млеко, одлучете се за незасладено растително млеко или мали количини на обично млеко, што е поздрав избор од засладените и ароматизираните опции – објаснува тој.

Што се однесува до засладувачите, тој предлага користење на мали количини на природни засладувачи или постепено намалување на нивната употреба. Добрата вест е дека штом ќе го елиминирате или ограничите додадениот шеќер, вашите пупки за вкус може да се прилагодат на новиот пијалок за само шест дена, пишува Wellandgood.com.