Добро утро, Србијо
Угледниот гостин на утринската програма на Телевизија Хепи, кој е згрозен од насилните игри и неодговорните родители, па го оправдува сопственото вооружено дете со зборовите дека „мора да си игра со нешто“, докторот на науки кој се прашува каде исчезнаа децата кои собираа марки и сликички на фудбалери, а самиот на улица и на телевизија се закануваше со пиштол, е никој друг туку - Воислав Шешељ
„Се разбира, постојат објективни околности во кои живееме, тука е влијанието на глобализмот, влијанието на западната култура, која по својата природа е антикултура, тука е и интернетот, кој многу ги уназадува нашите деца и кој би требало да се контролира. Децата се оптоварени со видеоигри. Порано имавме сојуз на извидувачи, феријален сојуз, одевме заедно на одмори, на излети, имавме движење на гораните, садевме шуми. Игравме џамлии, возевме ромобили, собиравме сликички на фудбалери, на глумци, на стари автомобили, Животинско царство. Лепевме сликички во албуми, собиравме поштенски марки. Јас не знам дали денес има деца што се занимаваат со филателија? Може ли да се врати нешто од тоа? Еве ги вратија сликичките, ама ги нема повеќе во чоколатцата или мастиките, туку ќесичка со слики може да купите веднаш во продавница!Општеството не смее да го пушти образованието на младите од раце. Младите треба да ја запознае Србија, да се организираат тие горански работни бригади, да работат на пошумување, да се дружат со други деца, да искусат физичка работа. Да се пошумуваат голините. Тоа е општокорисно за општеството, во околината на Сараево има шуми што што ги засадив, можеби пак ќе ни требаат тие шуми. Добро, да станеме сериозни. Затоа, да се обнови Феријалниот сојуз, да се организираат одмори низ Србија. Што одат сега по тие бесни летовалишта, да трошат многу пари и гледаат каде ќе ги касне ајкула, ќе ги нападне медуза или слични работи? Има толку многу работи што треба да се видат и запознаат во Србија, има реки и езера, а го имаме и тоа езеро на влезот во клисурата Ѓердап, кое е извонредно. И наместо да се дружат некаде во природа, во спорт, во забава, децата се дружат на социјалните мрежи. Државата мора нешто да направи, оваа проповед на насилство не смее да се дозволи, тоа е забрането и со кривичниот закон. И се чини дека тоа може да се направи на интернет. А што ќе прави ова момче убиец со својот живот? Која лекарска комисија еден ден ќе објави дека повеќе не е опасен за околината?“
Ова неверојатно експозе на еден доктор на науки го слушнавме во програмата „Добро утро Србијо“ на Хепи телевизија дваесет и четири часа по ужасниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, каде што четиринаесетгодишно момче влезе со список за ликвидација и уби осум ученици. Смешната паранаучна експертиза на гостинот во студиото е легитимирана со тоа што тоа е најгледаната утринска телевизиска програма во Србија и медиум што му служи на владејачкиот режим како неофицијална државна телевизија: на ТВ Хепи, впрочем, редовен гостин е самиот претседател Александар Вучиќ, кој за масакрот во белградското училиште, даваше отчет пред нацијата неколку дена подоцна токму на таа телевизија.
А сепак, колку и да ви се чини малку веројатно, псевдо-академското наклапање на еден на доктор на науки и неговото длабоко, суштинско неразбирање на децата, на времето и оние, како што рече, „објективни околности“ – дури и кога се испоставува како официјално, државно неразбирање на младите – овде е помал проблем.
На истиот тој доктор на науки – експерт за младината, џамлии, сликички на фудбалери, ајкули и медузи, кој е згрозен од западната антикултура и игрите што ставаат пиштол во раце на четиринаесетгодишно момче – пред пет години, имено, неговиот син најпрво му се закани на активист на Либерално-демократската партија на социјалните мрежи дека ќе му ја „отсече главата, дури и тоа да ми биде последна работа во животот“, за набргу потоа да биде уапсен и осуден на шест месеци домашен притвор бидејќи мавтал со нелегален пиштол во кафуле во Батајница.
Родениот син. Со пиштол. А што направи тогаш неговиот татко, докторот на науки кој денес на Телевизијата Хепи не разбира како родителите ги запоставиле своите и им ги препуштиле на социјалните мрежи? Го излижа експертскиот плајваз и напиша на социјална мрежа, цитирам: „Ме опседнуваат новинари со веста дека син ми е уапсен за поседување оружје. Што да правам, детето сака играчки. Мора да си игра со нешто“.
Колку и да ви изгледа малку веројатно, дури и овој факт – дека докторот на науки е згрозен од игрите што му ставаат пиштол во рацете на момчето убиец и не разбира како родителите ги запоставиле своите деца, па по веста дека неговите синот е уапсен поради поседување нелегаленпиштол, тој реагира велејќи дека „детето сака играчки“ и „мора да си игра со нешто“ – и тоа е сепак помал проблем.
Истиот доктор на науки – експерт за младост, џамлии, сликички на фудбалери, полубели цели слики, ајкули и медузи – и самиот тој, имено, во една прилика пред триесет години како гостин на Милован Илиќ Минимакс на Телевизија Политика пред шокираниот водител и публиката извади пиштол од џебот од панталоните и мавташе низ студиото. И тоа не беше единствен таков случај. Генерално, овој доктор на науки почесто вадеше од панталоните кратка цевка отколку онаа пократката, па евидентирано е дека со пиштол им се заканувал на демонстрантите на антирежимските протести во 1992 и 2017 година.
И повторно: колку и да ви изгледа малку веројатно, дури и овој факт е помал проблем овде. Угледениот гостин на утринската програма на Телевизија Хепи, кој е згрозен од насилните игри и неодговорните родители, па сопственото вооружено дете го оправдува со зборовите дека „мора да си игра со нешто“, доктор на науки кој се прашува каде исчезнаа децата кои соберат марки и сликички на фудбалери, а самиот се заканува со пиштол на улица и на телевизија, со глава и брада – па, само така се вели: никогаш немал брада, а прашањето е дали некогаш имал глава – е Воислав Шешељ. Четнички војвода Воислав Шешељ.
Тоа дека во најгледаната утринска програма во Србија, на неофицијалната државна телевизија, во приватното студио на претседателот Александар Вучиќ, за стравичниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“, како бихевиорист, социолог, детски психолог, проповедник на здрав живот, борец против говорот на омраза, зборува за ужасниот масакр во белградското основно училиште и активист за разоружување е поканет да зборува веројатно најпознатиот и секако најекспонираниот српски воен злосторник – човекот кој поради воениот прогон и протерувањето на цивилите одлежа единаесет години во Хаг затвор и го подигна јавниот говор на омраза на сосема ново ниво, зборува за јавното „проповедање на насилството“, утврдувајќи го како официјален јазичен стандард – тоа кажува повеќе за Србија денес отколку сите тркалезни маси, научни симпозиуми и анализи во весниците.
Човекот кој со своја рака ги напиша списоците за ликвидација на Хрватите од Војводина е згрозен од списоците за ликвидација пронајдени кај четиринаесетгодишниот убиец, човекот кој повикува враќање на чоколтацата со сликишки на фудбалери, горанските работни бригади, пошумување на голините и грижа за децата, кој на својот штанд на саемот на книга во Белград ги повикува врсниците на убиецот, „малите четници“ да се фотографираат со него, и кој во Хртковци во 1991 година јавно кажаа дека, цитирам, „децата од мешани бракови треба да се убијат“.
„Што ќе прави сега ова дете убиец со својот живот?“, се прашува загрижениот Воислав Шешељ, „која лекарска комисија еден ден ќе објави дека тој повеќе не е опасен за околината?“ Па, ајде, на крајот да одговориме на тоа академско прашање: истата лекарска комисија што го ослободи во 2014 година по единаесет години затвор во Хаг, за да може да направи нешто за, како што тој го нарекува „својот живот“, како безопасна личност за околината.
Кога минатата недела на истото место ја доведов трагедијата на српските деца во 2023 година во симболична врска со настаните од деведесет и прва, многу српски експерти ме дисквалификуваа од дискусијата, иако јас воопшто не зборував за луѓе, туку за оружје. Напротив, вооружените татковци од војните во деведесеттите беа доведени во многу буквална и несимболична врска – згора на тоа, во студиото на најгледаната утринска телевизиска програма – веќе ден по масакрот ги донесе самиот систем. „Системот функционира“. Со тие зборови на Пинк, втората неофицијална државна телевизија ја утеши нацијата премиерката на Вучиќ, Ана Брнабиќ.
Само неколку часа подоцна, како што дознаваме, 21-годишниот син на пензиониран полковник на српската војска со „калашников“ на својот татко уби осуммина мештани во општина Младеновац. Системот функционира. А веќе утре ете нови гости на Телевизија Хепи, водечки српски експерти за млади, Фејсбук, Твитер, списоци, игри, цело село шмрка бело, ајкули и медузи.
Добро утро Србијо, како спиеше?
(Борис Дежуловиќ е хрватски новинар. Текстот е објавен во хрватскиот магазин „Новости“)