До МВР стигале лажни пријави за нерегуларности


Фото: Б. Грданоски

Им честитам на граѓаните и на институциите, имавме изборен ден со незначителен број неправилности, без нарушување на јавниот ред и мир. Вака министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го оцени вториот круг од претседателските избори во кој граѓаните го избраа новиот претседател. За разлика од првиот круг, кога и власта и опозицијата изборите ги нарекоа скандинавски, ВМРО-ДПМНЕ вчера уште од пладне ја бомбардираше јавноста со информации за злоупотреба на полицијата за изборни цели, за делење поткуп, агитирање, полнење на кутии и организирано носење на гласачи на избирачките места.

Партискиот портпарол Наум Стоилковски обвини дека полицијата во Чешиново-Облешево без никаква причина привела двајца набљудувачи на ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека пред нејзини очи се агитирало, се делело поткуп, а службениците воопшто не реагирале. Ваквата реторика уште на почетокот на изборниот ден го најавуваше она што го потврди генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места, дека опозицијата ќе ги проблематизира резултатите доколку нивниот кандидат изгуби на изборите.

„Има организирано и семејно гласање и индиции за поткуп и злоупотреба на полицијата. Во Тризла се собираа гласачи од нивните домови. Ново Село беше под полициска опсада, додека во Битола беше испратено најтешкото подземје. Но има и голем број општини каде што ние победуваме убедливо. И во ваква ситуација се освен победа на професорката Силјановска ќе фрли темни дамки и сериозни основи за изборен инженеринг, реализиран со притисоци, закани и поткуп“, рече Јанушев.

Сепак, министерот Спасовски, оценувајќи го изборниот ден, се осврна и на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и фрли ново светло на овие инциденти. Обелодени дека едно исто лице и во првиот изборен круг и вчера се јавувало во полиција и лажно пријавувало изборни нерегуларности.

„Преземаме мерки за поднесување на пријава против тоа лице бидејќи не може да се однесуваме неодговорно кон изборниот процес и институциите. Во Чешиново-Облешево немаме приведено никакви лица ниту, пак, имало пријава за агитирање“, рече Спасовски.

Според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи, вчера имало регистрирано вкупно 20 настани, односно две пријави помалку отколку во првиот круг. Тројца граѓани го фотографирале гласачкото ливче, во кичевското село Другово, во Скопје и Неготино. Еден од гласачите ја напишал бројката на еден од кандидатите на параванот за гласање. Според Спасовски, од четири пријави за агитирање било утврдено дека сите се лажни. Имало две пријави за организирано носење на гласачи, во Битола било утврдено дека пријавата е лажна, а во Кочани се расчистува случајот.

Министерот тврди дека до секторот за внатрешна контрола при МВР немало пристигнато ниту една пријава против припадник на МВР кој ги обезбедувал изборите, отстранет бил само еден полицаец кој не ги послушал наредбите на својот претпоставен. За штабот на кандидатот на СДСМ, обвинувањата за нерегуларности се лажни вести и алиби за поразот.

„Никој да не се обидува преку лажни вести и измислици да бара алиби за евентуален непосакуван резултат на изборите. Мнозинската волја на граѓаните изразена на фер и слободни демократски избори мора да биде испочитувана од секого“, рече Александар Кирацовски, шефот на изборниот штаб на Стево Пендаровски.

Невладините и меѓународните организации со свои тимови го следеа изборниот процес, а конечната оценка се очекува да ја кажат денеска. Невладината организација „Цивил“ известува дека во Штип се превезувале гласачи со автомобил. Организацијата известува и за некои ситни нерегуларности, во избирачко место во Кичево немало ниту еден член на одборот бидејќи сите заминале на колективна пауза. Во Пробиштип гласач со прст ѝ покажувал на својата сопруга за кого да гласа, во Чашка за повозрасна гласачка гласала нејзината снаа, а во скопската населба Аеродром една од гласачките ги прашувала членовите на избирачкиот одбор дали треба да го заокружи бројот два.

Сепак првичната оценка на набљудувачите е дека вчера имаше мирен и демократски изборен ден.

Фросина Факова – Серафиновиќ