До кога вака со националните великани?

Оперската дива Милка Ефтимова е дел од македонскиот идентитет. Но нејзиното заминување како да не се случи за политиката. Таа, освен министерот за култура, не обрна внимание на оваа голема загуба. Истата таа политика која толку многу зборува за македонскиот идентитет


Македонија тагува по смртта на Милка Ефтимова, вистинска оперска дива што ја имаше Македонија, примадона која ги освои оперските сцени ширум светот со улогата на Кармен.  Нејзиниот глас беше повеќе од музика, сведоштво за врвната уметност што може да се роди и создава на ова поднебје. Низ нејзината шестдецениска кариера, таа ги освојуваше светските сцени, а со нејзиниот извонреден талент и нејзината исклучителна посветеност, таа беше вистински амбасадор на македонската култура. Но, нејзиното најголемо признание е љубовта и почитта на публиката, која никогаш нема да ја заборави.

Се простуваат пријатели, соработници, колеги, институции, обожаватели… Ниту еден збор сочувство до семeјството од државниот врв (со исклучок на ресорниот министер Љутков), како незаобиколен декор на секој позначаен и незначаен настан во државата. Сите тие кои го бранат македонскиот идентитет дома и надвор, а таа беше дел од тој идентитет, запишан со златни букви во темелите на македонската култура.

Речиси во исто време, почина и друга регионална џез и поп-дива, Габи Новак. Исто како и почитуваната Ефтимова, на 89 години. Па читаме, како со респект се сеќаваат нејзините колеги и изразуваат сочувство, па сѐ до премиерот, претседателот и претседателот на Собрание на Хрватска. Па, до кога вака со нашите национални великани?

Зафатеноста со предизборието по сѐ изгледа е многу позначајна од телеграма со сочувство, до семејството или можноста да ја споделат со јавноста, која ја бомбардираат со милиони информации дневно. На нивна душа и совест.

Оперската дива Милка Ефтимова во животот и на сцената никогаш не бркаше признанија и награди кои ги имаше на куп. Таа ја очекуваше почитта најмногу од публиката. А таа ѝ возврати. Останува безвременска мотивација и инспирација за оваа и следната генерација жени во Македонија, да го продолжат културниот натпревар како неизбришлива трага од македонското постоење и придонес во светскиот хуманизам.

Во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставуваше нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното.

Посакуваше во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допре до човековото срце и што подлабоко да продре во човековата душа. И успеа во тоа со помладите генерации и со публиката, ама за (не) културата од највисоко ниво, ќе треба уште да почекаме.