До каде одат империјалните амбиции на Путин?
Рускиот претседател и неговиот близок круг отворено зборуваат за повторно заземање на огромните земји што некогаш ги контролираше Москва. Додека војната продолжува во Украина, соседите на Русија сериозно ги сфаќаат заканите. Финска и Шведска официјално поднесоа барање за членство во НАТО, по руската инвазија на Украина кон крајот на февруари. Доколку станат членки, потегот значително ќе ги подобри воените капацитети на блокот на копно, море и во воздух.
На церемонијата во чест на млади географи во 2016 година, претседателот Владимир Путин праша едно момче за главниот град на Буркина Фасо, а потоа друго каде завршуваат границите на Русија.
„Кај Беринговиот Проток со Соединетите Држави“, колебливо се осмели 9-годишното момче. Путин, кој претседава со одборот на Руското географско друштво, му реплицираше на момчето со триумфален аплауз. „Границите на Русија“, рече тој, „никогаш не завршуваат“.
Сцената, години пред инвазијата на Путин на Украина со која ја покрена најголемата војна во Европа по Втората светска војна и ги прекина односите на Русија и Западот, го актуелизира убедувањето на многумина во московскиот естаблишмент: дека Русија има природно право и егзистенцијалната потреба за територијална експанзија.
До неодамна, ова империјално верување честопати беше изговарано на јазик кој е поприфатлив во 21-от век, како што е загриженоста за безбедноста од проширувањето на НАТО или стравувањето за наводната дискриминација на малцинствата што зборуваат руски. Меѓутоа, од почетокот на војната, повиците за заземање нови земји станаа многу поексплицитни.
Овој месец Путин рече дека ја гледа Украина како само прв чекор, со многу други територии како потенцијални цели. На 9 јуни, тој на изложбата во чест на 350-годишнината од првиот руски император Петар Велики со насмевка објасни дека кога Петар ја освоил од Шведска областа на денешен Санкт Петерсбург и градот Нарва, моментално во Естонија, „тој само го враќал она што е наше и го зајакнувал“, иако никој друг во тоа време не ја призна законитоста на руското грабање земјиште.
„Се чини дека и наша судбина е да се вратиме и да се зајакнеме“, додаде г-дин Путин, сугерирајќи дека – како војните на Петар Велики – сегашниот конфликт може да трае повеќе од две децении. Неговиот постар советник Владимир Медински беше уште поексплицитен. Тој се жалеше на истата конференција дека територијата на Русија е значително намалена од времето кога Москва контролираше една шестина од површината на планетата, вклучувајќи ги Финска, Полска и 14 други моментално независни нации. Тоа несреќно територијално повлекување „не е вечно“, рече тој.
Поголемиот дел од оваа реваншистичка реторика е поттикнат од децениското незадоволство поради распадот на Советскиот Сојуз, одлучувачки момент во животот на Путин и поголемиот дел од владејачката класа во Русија. Опишан од Путин како најголемата катастрофа на 20 век, распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година ја лиши Русија од речиси половина од населението и земјиштето што ги насобрале царевите низ вековите. Тој распад , исто така, претвори една глобална суперсила во банкротирана нација опфатена со сиромаштија, корупција и внатрешни бунтови.
Новите закани на Москва против соседите, како што се Естонија и Литванија (членки на НАТО и Европската унија) или Молдавија може да изгледаат чудно со оглед на тешкотиите со кои се соочи руската војска оваа година во Украина. Руските трупи мораа да се повлечат од главниот град Киев и другите северни градови кон крајот на март поради жестокиот украински отпор и оттогаш се заглавени во неверојатно бавно напредување низ делови од источниот регион Донбас, претрпувајќи големи загуби на патот.
„Путин нема воен капацитет. Тој е целосно врзан и има доста слаби перформанси во Украина. Да оди подалеку од таму би било лудо“, рече Александар Стуб, поранешен премиер на Финска, која аплицираше за влез во НАТО по руската инвазија на Украина.
Сепак, токму срамните неуспеси во Украина можат да го натераат Путин да го прошири конфликтот, предупреди Марат Гелман, опозициски политичар кој своевремено го советуваше рускиот претседател и служеше како висок извршен директор на руската државна телевизија.
„Постои закана за неговиот рејтинг внатре во земјата. Тој не може да им објасни на руските граѓани зошто големата армија што тој ја проширува и финансира цело ова време не може да се справи со украинскиот отпор“, рече Гелман. „Значи, тој треба да претвори сè во нова димензија, каде што војува не со Украина, туку со целиот свет. Затоа, постои опасност да избере друга жртва“. Поширок конфликт, смета Гелман, може да го оправда мобилизирањето на цивилите во војската и отстранувањето на неколкуте граѓански слободи кои сè уште постојат во Русија.
Само во последните денови, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова и се закани на Литванија со „активности за одбрана на нашите национални интереси“ откако балтичката земја го забрани железничкиот транзит на стоки санкционирани од ЕУ до руската ексклава Калининград. Истакнатиот пратеник Константин Затулин, огорчен од одбивањето на претседателот на Казахстан да ги признае руските држави во Донбас, истакна дека многу делови од централноазиската нација се населени со етнички Руси и предупреди дека може да ја има истата судбина како Украина.
Во Украина војната не е ни приближно завршена. Русија продолжува да напредува во Донбас додека се подготвува за долгогодишен конфликт, а нејзината првична цел за анексија на украинската држава не е променета. Како што се запраша поранешниот претседател Дмитриј Медведев, кој ја предводи владејачката партија Единствена Русија и служи како заменик-претседател на Советот за национална безбедност на Путин: „Кој ви кажа дека Украина ќе остане на картата на светот за две години. ?“
За некои европски лидери, овој дискурс значи дека потенцијалниот прекин на огнот, оставајќи ја Русија со голем дел од Украина и капацитет да се регрупира, да ја обнови својата осиромашена војска и да се подготви за нови офанзиви, ќе заврши со ставање на другите европски нации во мапата на Путин.
„Тој се продолжи со истото во балтичките земји ако успее во Украина, и затоа мораме да сториме сè за да не успее, бидејќи во спротивно неговиот апетит само ќе расте“, рече естонската премиерка, Каја Калас. „Ако се извлече со ова, никој не може да се чувствува безбедно.“
Калас, пристигнувајќи на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел на 31 мај, сака многу позначајно присуство на НАТО во нејзината земја за да ја одврати руската агресија. Додека Естонија и двете други балтички земји се теоретски заштитени со нивното членство во НАТО, малите воени сили што Алијансата моментално ги распоредува во регионот и во другите делови на Источна Европа нема да бидат доволни за воено да се одбие целосна руска инвазија . Дури ни Полска, најголемата нација во Источна Европа, нема толку силна и борбена војска како Украина.
Руските сили ќе можат да го заземат главниот град на Естонија Талин за само еден ден, велат некои западни воени експерти. Војската на Полска ќе биде целосно поразена од Русија за пет дена, според воената игра во полското Министерство за одбрана во 2021 година.
Нуклеарниот арсенал на Америка можеби нема да го одврати брзиот руски напредок кон сојузник на НАТО. САД долго време одржуваат стратегија на намерна нејасност во врска со околностите под кои би користеле нуклеарно оружје за да запрат конвенционален напад. Според најновата американска политика за нуклеарно држење, Вашингтон би размислувал само за распоредување нуклеарно оружје „во екстремни околности“ и прво би се обидел да го заврши конфликтот „на најниско можно ниво на штета“.
Тоа е една од причините зошто руските соседи сега се залагаат за големи и постојани бази на НАТО на нивна територија. На самитот на НАТО во Мадрид на 28 и 30 јуни, Калас ќе побара од Алијансата да се префрли од сегашното распоредување релативно мал контингент сили, на засилена напредна одбрана долж руските граници – „за да не мора да бидеме ослободени потоа, туку да можеме веднаш да ја потиснеме агресијата“. Другите балтички држави и Полска го делат истиот став.
Стравот не е ограничен само на непосредното соседство на Русија. Според истражувањето на јавното мислење на Европскиот совет за надворешни односи, спроведено во мај, можната руска инвазија на нивната нација се смета за една од трите најголеми закани кај Швеѓаните, Романците и Германците.
„Дури и слабата руска војска може да направи огромна штета ако сака“, рече Иво Далдер, претседател на Советот за глобални прашања во Чикаго и поранешен амбасадор на САД во НАТО.
„Треба да го земеме здраво за готово тоа што зборува Путин. Дури и ако оцениме дека тој навистина нема воен капацитет да постапи по неговата грандиозна визија, реалноста е дека тој има намера и волја, а досега дома нема доволно противење да го промени тоа“, рече Далдер. Како што е сега, руската воена инвазија на членка на НАТО сигурно ќе наиде на брз одговор од САД, додаде Далдер.
За разлика од Украина, Русија ќе ги види нејзините воздушни сили урнати за неколку дена, а нејзините копнени сили ќе бидат многу ранливи на супериорната воздушна сила на НАТО. Работите би можеле да бидат поинакви, сепак, доколку на власт во Вашингтон дојде поизолационистичка администрација. Руските функционери често ги наведуваат забелешките на претседателот Доналд Трамп од 2018 година во кои се прашуваат зошто Американците треба да гинат за да ја одбранат Црна Гора, сега членка на НАТО, и се надеваат дека притисокот врз Москва ќе се намали по среднорочните избори во САД оваа година.
Империјалните амбиции на Путин се зголемија со текот на времето, бидејќи неговите претходни акти на територијална агресија беа главно неоспорени. Инвазијата на Грузија во 2008 година не беше санкционирана на некој сериозен начин и беше проследена со обидот на претседателот Барак Обама за „ресетирање“ со Москва. Интервенцијата во Донбас во 2014 година и анексијата на Крим за време на вториот мандат на Обама поттикна само санкции со половина срце. До минатиот февруари, Германија го туркаше проектот за гасоводот „Северен тек 2“ што ќе му овозможеше рускиот извоз на гас да ја заобиколи Украина. До април, САД и нивните сојузници одбиваа да му дадат на Киев тешко оружје што можеше да ја одврати овогодишната војна.
„Путин едноставно го прави она со што може да се извлече, како хулиган“, рече Михаил Касјанов, руски опозициски политичар кој беше премиер на Путин од 2000 до 2004 година. „Ако му се дозволи да освои некои територии и Европа и САД на крајот го проголтата тој факт, тој едноставно ќе продолжи да оди напред“.
Руските највисоки функционери го подигнаа ова очекување на телевизискиот состанок на 21 февруари, уверувајќи го Путин дека Западот на крајот ќе се помири со украинската војна што тој ја започна три дена подоцна.
„Искуството покажа дека ќе биде тешко, но по одредено време, благодарение на вешто менаџирање на ситуацијата што го научивме во времето на претседателот, оваа тензија што вибрира околу нашата земја ќе се повлече на еден или друг начин“, рече Медведев. Западните земји, додаде тој, „порано или подоцна ќе се уморат од оваа ситуација“.
За разлика од минатите европски империи кои собраа колонии во странство, како што се Франција, Шпанија, Португалија или Велика Британија, рускиот империјализам ја замаглува разликата помеѓу она што претставува колонија и матична земја. Со текот на вековите, Русија апсорбираше многу од нејзините непосредни соседи, често прибегнувајќи кон физичко истребување кое се издигна на ниво на геноцид и го наметна својот јазик и култура.
Татарските градови и џамиите на Волга биле демонтирани во 16 век, а нивните тули и надгробни споменици биле користени за изградба на руски цркви и тврдини. Јерофеј Хабаров, истражувачот по чие име е наречен сибирскиот град Хабаровск, ги натерал своите луѓе да искасапат илјадници домородни луѓе Даур додека пловел по реката Амур во 17 век. Освојувањата на Русија во 19 век во Кавказ и Централна Азија беа придружени со големи убиства и раселување. Една од најпознатите руски слики, на Василиј Верешчагин, кој служел со руските сили во Централна Азија во 1860-тите, прикажува планина од черепи изветвени од сонцето и е посветена „на сите големи освојувачи – минато, сегашност и иднина“.
Москва ја започна својата колонијална експанзија откако се ослободи во 1480 година од монголската Златна орда. Московија служела како главен даночен собирач и застапник на Монголите во руските земји во претходните векови. Откако се стекна со независност, усвои многу методи на војна и елементи на државно уредување кои некогаш им дозволуваа на Монголите, осиромашен номадски народ, да освојат голем дел од познатиот (и експоненцијално побогат и технолошки понапреден) свет. Претворањето на градовите кои одбија да се потчинат во урнатини, како што се случи оваа година во украинскиот Мариупол, беше тактиката и заштитен знак на Монголите.Моќна струја на руската политичка мисла, т.н. Еуразијанисти, веруваат дека руската држава е природен наследник на Монголската империја која конечно завршува со тривековниот флерт со Европа на Петар Велики кој започна целосна „вестернизација“ на општеството .
„ Петар Велики го отвори прозорецот кон Европа. Путин го затвори. Доволно емитувавме“, вели еден мем кој моментално се појавува на руските социјални мрежи.
Еден таков евроазијанист е министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, кој потекнува од Тува, регион на границата со Монголија. Поранешен претседател на парламентот на Тува неодамна напиша книга во која го возвишува Шојгу како реинкарнација на главниот командант на Џингис Кан, Субедеи, кој можеби бил и етнички Тува. Други струи на руската нео-империјалистичка политичка мисла потекнуваат од попознатите советски времиња, идолизирајќи го безмилосното доба на Јосиф Сталин. Еден од најгласните такви претставници е поранешниот разузнавач на ФСБ, Игор Гиркин, познат и како Игор Стрелков, кој ја запали војната во Донбас откако го зазеде градот Славјанск со група руски воени ветерани во 2014 година. Во тоа време, тој потпиша наредби за егзекуција кои ги цитираа законите на Сталин од Втората светска војна.
Наспроти критичарите на војната во Украина, кои се приведуваат низ Русија според новите закони со кои се казнува дискредитацијата на војската, на Гиркин и на другите тврдолинијаши им се дозволува да пишуваат дневни пораки во кои се опишуваат Шојгу и врвните команданти на Русија како предавници и идиоти поради лошото спроведување на воената интервенција и да бараат општа воена мобилизација и тотална војна.
Самиот Путин не е нужно обожавател на минатите советски лидери. Тој постојано го обвинуваше основачот на Советскиот Сојуз, Владимир Ленин, дека пред еден век и дал на Украина она што тој го смета за историски руска земја – и дека на прво место ја признал идејата за посебна украинска националност. Но, како и повеќето други руски националисти, тој е фокусиран на враќање на минатите слави.
„Сите негови идеи за тоа што треба да прави еден владетел, што е добро, а што лошо, потекнуваат од минатото“, вели Гелман. „Тој сака да ја пресели земјата во 19 век, во време кога империите беа можни“. (Волстрит Џурнал)