До четврток обвинение за „Рекет“ без искази од Јанева и Боки 13


До четврток Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“, дознава „Независен“ од извори во Обвинителството.

Обвинението за една од најголемите корупциски афери ќе биде поднесено без искази на првоосомничениот во случајот, Бојан Јовановски – Боки 13 и третоосомничената, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева. Јовановски вчера на пладне со полиција од затворот во Шутка, беше донесен во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но не успеа да даде исказ бидејќи веднаш штом го качила полицијата кон канцеларијата на Русковска, почнал да повраќа.

Неговиот адвокат, Сашо Дуковски рече дека само што стигнал во Обвинителството, тој веќе повраќал во тоалетот и не бил контактибилен, така што не успеал да се видат.

„Се случи непријатна сцена, нешто што се случува последните 40-50 дена откако е во притвор. Почна да повраќа и колабираше,  не беше контактибилен. Дојде брза помош и го однесе во болница. Обвинителството како и јас не сме лекари, но она што го видовме не беше воопшто пријатно. Секој човек заслужува право на живот, јас мислам дека му треба адекватна медицинска нега, независно што и како сторил. Кривичната постапка е едно, а правото на живот е друго“, изјави Дуковски.

Засега Обвинителството нема закажано дополнителен термин за исказ на Боки 13.

Поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева пак одлучила да не дава исказ во Обвинителството, односно одлучи да молчи во оваа фаза на постапката. Нејзиниот адвокат, Дељо Кадиев вели дека одлуката ја донеле заедно со Јанева и ја образложува со тоа што Јанева има законско право да не даде исказ и објаснува дека тоа е дел од стратегијата на одбраната.

Јанева еднаш беше донесена во Обвинителството, но таа не даде исказ и побара првин да ги виде доказите. Петнаесетина дена одбраната правеше увид на доказите, но сепак одлучи Јанева да не каже ништо за случајот „Рекет“. Нема ниту да понудат свои докази бидејќи според Кадиев, обврска на Обвинителството е да собере докази и да ја докаже вината на осомничените. Тој е дециден дека воопшто не размислувале Јанева да се спогоди со Обвинителството, иако овој чекор е прв сигнал дека поранешната специјална обвинителка нема да каже ништо повеќе за „Рекет“.

Останува нејзиното право да понуди спогодба за вина до правосилност на обвинението. Тоа би значело дека нема да има судски процес за Јанева и јавноста нема да има можност да слушне што има да каже таа во своја одбрана и дали некој друг е вмешан во оваа афера која власта ја прикажува како „немилосрдна“ битка против корупцијата.

Од Обвинителството велат дека нивна обврска е да ги викнат осомничените да дадат исказ, но одлуката дали тие ќе го направат тоа или не, е на одбраната. Иако Јовановски најавил дека ќе дава исказ, сепак заврши на носилки во градската болница „8-ми Септември“.

Двајцата осомничени беа повикани да дадат исказ во обвинителството откако беше завршен дел од истрагата за овој случај, а второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец беше повикан во Обвинителството неколку пати. Единствено тој, по завршувањето на истрагата беше пуштен во домашен притвор. Минатата недела Јовановски на јавна седница во Апелација побара да биде пуштен во домашен притвор поради неговото влошено здравје, по двете неуспешни операции на желудникот што ги направил во приватна болница. Неговиот адвокат тврдеше дека Јовановски треба да биде хоспитализиран, бидејќи секојдневно повраќа и практично функционира како да нема желудник. Аплеацискиот суд не го прифати нивниот предлог и одлучи Јовановски да остане во притвор во Шутка.

Откако кривичниот совет ја одби едната жалба на Јанева, таа сега чека Апелацискиот суд да одлучи по нејзината друга жалба која нејзината одбрана ја поднесе на одлуката на Кривичниот суд да ја одбие нејзината понудена гаранција од три стана. За разгледување на жалбата е побарано мислење од Вишото јавно обвинителство кое утринава го пратило до Апелациониот суд. Одлуката дали на поранешната специјална обвинителка ќе и биде укинат притворот треба да ја донесе Апелациониот суд.

Обвинителството ја отвори истрагата во почетокот на мај, а јавноста дозна дека се води истрага кога на 15 јули беше уапсен Јовановски и Милевски. Јанева истиот ден даде одложена оставка од челното место на Специјалното јавно обвинителство и тврдеше дека е жртва на злоупотреба. Таа беше уапсена на 21 август и од тогаш е во притвор. Јовановски и Зоран Милески се осомничени за тргување со влијание и за перење пари, а Јанева е осомничена за злоупотреба на службената положба како специјален јавен обвинител. Рекетот го пријави осомничениот бизнисмен Орце Камчев, првин кај премиерот Зоран Заев, а потоа кај обвинителката Вилма Русковска. Тој тврди дека Јовановски и Милески изнудиле 1,5 милиони евра од него и му ветиле дека ќе влијаат кај Јанева да се запре постапката против него за случајот „Империја“, што го отвори СЈО против Камчев. Сепак засега не се знае кај завршиле парите кои наводно биле изнудени.

Другиот дел од истрагата е финансирањето на Меѓународниот сојуз, невладината организација на Јовановски. Досега не е осомничен ниту еден политичар од власта, иако неколкумина се појавија како сведоци во Обвинителството.

Опозицијата обвинува дека целта на власта е истрагата да остане само на овие осомничени и да не се открие „врвот на октоподот“. Тие тврдат дека во аферата се заглавени лица од непосредното опкружување на Заев.

Затворски чувар со непристоен гест кон новинарите

Додека полицајците го носеа на носилка осомничениот за „Рекет“, Бојан Јовановски еден од затворските чувари се врати пред телевизиските камери и им упати непристојна порака. По објавувањето на снимките експресно стигна информација дека чуварот е суспендиран од работа.

„Затворскиот чувар е суспендиран и на барање на заповедникот покрената е дисциплинска постапка против него“, соопшти директорот на затворот Скопје во Шутка, Есад Рахиќ.