До 60 отсто од истреланите руски ракети не стигнуваат до целите, соопштија САД


Неексплодирана руска ракета падната кај Краматорск

 

Руските проектили со прецизно наведување не успеваат да ги постигнат своите цели до 60 отсто од случаите во Украина, изјавија тројца американски разузнавачи за Ројтерс. Ова е веројатно едно од објаснувањата за слабиот напредок на руската инвазија, како и за некои цивилни жртви.

Агенцијата соопшти дека изворите не дале докази за поддршка на проценката и не откриле што точно ја предизвикувало високата стапка на неуспех на руските ракети. Ројтерс не успеа независно да ги потврди овие бројки, како и да ја разјасни стандардната стапка на неуспех за крстосувачките ракети воздух-воздух. Но, двајца експерти интервјуирани од Ројтерс рекоа дека секоја стапка на промашување од 20% или повеќе ќе се смета за висока.

Во последните денови руското Министерство за одбрана го пофали професионализмот и ракетната технологија на вооружените сили. Се вели дека наводите за неуспех се погрешна пропаганда што ја шират руските непријатели предводени од Соединетите Држави.

Официјални лица од одбраната на САД им изјавија на новинарите оваа недела дека Пентагон проценува дека Русија истрелала повеќе од 1.100 проектили од секаков вид од почетокот на војната. Американските власти сѐ уште не кажале колку од нив ги погодиле своите цели, а колку не успеале да го сторат тоа.

Министерството за одбрана на Украина ги дистрибуираше своите наводи во кои детално се опишани типовите на ракети кои не ги достигнале своите цели.