Дневник од карантинот на еден актер (4)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Ние сме од таков материјал од кој и соништата се направени, и нашите мали животи се заокружени со сон!“                                                                                        Вилијам Шекспир, „Бура“ (чин IV, сцена I)

Сонцето се порамни со џуџестата планета Ерис, откриена во 2005 година надвор од орбитата на деветтата планета Плутон. Името ѝ е дадено според митолошката сестра на богот Марс, а космичкото значење на нејзината појава е потребата од промена и трансформација. Носи бестрашен дух и инспирација за отфрлање на стравовите и несигурноста и за храбро оставање трага во општеството.

Најлошото од пандемијата помина. Најлошото од неа допрва претстои. Спротивставени мислења дури и во научната јавност. Чиста контроверза. Во недостиг на вистинската вистина, лагата станува службена информација, а можната вистина теорија на заговор. Соочени со стравот за опстанокот, се откажуваме од приватноста во име на здравјето. Борбата против корона вирусот се претвора во борба на здравјето против приватноста. Што ќе победи? Бегајќи од одговорноста која го прати самостојното одлучување, се препуштаме ли на контролата иако привремена, на биометрискиот надзор кој следува?

Животот во кризата е сè уште исечок, кроки скица на оној вистинскиот. Несреден склоп од залутани слики без движење, заглавени помеѓу хаосот и промената. Стариот систем на нерамнотежа, на исцрпувачки навики и уверувања е депласиран. Новиот, кој се создава, ги отфрла формите и обрасците кои не го поддржуваат животот во неговото суштинско значење. Животот како да се случува помеѓу два света: помеѓу свет на утопија и свет на дистопија, иако иднината е непредвидлива, а утопиското е невозможно.

Во изолација од светот ја искусуваме празнината и отсуството на луѓе, места и нешта. Така одново ја учиме вредноста на присуството. Заштитата од минливоста на животот и натаму ја бараме во прегратката на конформизмот. Пред опасноста од општа пропаст, психологијата на толпата станува сѐ. Од една страна е масата заспани луѓе на кои им претстои брзо и многу грдо будење, а од друга страна, масата на будни, свесни поединци кои се калибрираат на високата вибрација и ја префрлаат свеста од умот во срцето.

И додека светот се претвора во сцена за уште една историска пресметка помеѓу доброто и злото, помеѓу светлото и мракот, нашиот карантин почнува да наликува на оној мал, пуст и зачуден остров од последната и тестаментарна драма на Шекспир „Бура“, во која е скриен клучот, тајната за суштината на нашата човечност. На тоа од светот отсечено место, во кое се преклопуваат стварноста и привидот, мистичното и амбивалентното, мистеријата за нашата смртност и нашата натприродна моќ, сега ја спознаваме нашата големина и маленкост, нашата трагична откорнатост од светот на природата, нашата анимално-ангелска природа, утописката надеж и привидноста на нашата егзистенција. Разбираме дека сме едно големо Ништо кое нема што да даде, а сака да име сѐ. Но во исто време и едно мало Нешто кое напразно го троши и она што го нема, заборавјаќи дека веќе има сѐ – токму со вербата на своите мисли и чувства да ја создава за него познатата материјална стварност како поле на бескрајно убави можности, во безброј обиди.

Маѓепсани од Ариеловата мелодија на опсесивната материјализација со која само на полици го бараме она што нѐ исполнува и нѐ прави среќни, стануваме како заблудени бродоломници кои го изгубиле разумот и не се веќе господари на сопствениот живот. Низ празноверието на материјалното поседување, низ магијата на тоа лудило, на таа опиеност, бурата нè води до разумот, до спознанието за нашата способност за промена, за нашата умешност водени од минатото да ја направиме иднината подобра, поубава.

Во таа лична внатрешна апокалипса, ние го откриваме во нас Просперо, оној кој се откажа од својата моќ да ги движи ветровите и да ја раководи бурата, токму во име на човекот во себе, во име на самата суштина на неговата емоционална природа. И така, бурата која нѐ зафати ни ги отвора духовните очи за да го видиме само она во кое веруваме, а не да веруваме само во она што го гледаме. Да можеме да го видиме сонот зад животот. Сонот за свет чија убавина опстојува благодарение на оние кои се љубов во човечки облик, оние кои ја откриле тајната на добрината, несебичноста и сочувството, на почитта и благодарноста, на радоста и инспирацијата, на љубовта и слободата, оние кои ја гледаат уметноста на белото платно, кои во тишината ја слушаат ненапишаната песна, кои во просторот на ништото ја создаваат сликата полна со живот.

Само тие го туркаат човештвото напред. Напред низ бурата, до брегот на новиот свет каде одново ќе ја фрлиме котвата на животот. Само оние кои се доволно луди да веруваат во тој сон да го променат светот, всушност се оние кои токму тоа и го прават.

(Васил Зафирчев е актер)