Дневник од карантинот на еден актер (11)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

 

„Глупоста секогаш има начин како да си го истера своето“                                     Албер Ками, „Чума“

Европската вселенска агенција објави дека помеѓу Африка и Јужна Америка слабее магнетното поле на Земјата, што е знак за промена на поларитетите, активност која последен пат се случила пред 780 илјади години. Под лозје во регионот Валполичела во Верона, италијанските археолози пронајдоа недопрен под со раскошен римски мозаик од првиот век. После стравичните пожари во Австралија, коалите од болниците конечно се враќаат во природата. А со цел да го подобри здравјето на луѓето и да се бори против климатските промени, Етиопија годинава ќе засади пет милијарди дрвја. Поради хаварија на резервоар на велешка „Маслодајна“, мазут се излеа во водите на реката Варда“. Кај Ранковце ѕверски беа убиени две возрасни и пет мали срни. Покрај корона вирусот, во Босна и Херцеговина се појави и смртоносниот вирус на беснило, а вирусот на западнонилската треска продолжува да се шири меѓу птиците, убивајќи милиони од нив во САД. Морничави се фотографиите од најпознатата плажа Копакабана во Рио де Жанеиро, со симболични гробови на жртвите од короната во Бразил.

Пандемијата ја обликува новата геополитика на светот после кризата. Во кредитно-должничкото ропство на глобалниот поредок, вкупниот јавен долг достигна неверојатни 250 милијарди долари, надминувајќи 220 отсто од вкупниот светски бруто домашен производ. Меѓу најголемите должници се САД и Кина кои држат 60 проценти од новонастаниот јавен долг. Двегодишната трговска војна, меѓусебните обвинувања околу причините за пандемијата и потеклото на корона вирусот, но најмногу напнатоста предизвикана од јакнењето на кинеската економија во светот наспроти американската идентитеска криза, ги донесе Кина и Америка на работ од нова студена војна. Пандемијата предизвика вистински економски ураган во земјите во развој со драстичен пад на економијата, а последиците од неа ќе бидат сериозни и во напредните и развиени економии, па половина милијарди луѓе во светот би можеле да завршат во сиромаштво.

Здравствената криза во светот се влошува. Последниве две недели секој ден има по 100 илјади новозаболени во светот, а две третини од новите случаи се од 10 земји во Северна и Јужна Америка, Африка, Азија и Блискиот исток. Новите истражувања откриваат дека Ковид-19 не е само тежок респираторен синдром што ги уништува белите дробови, туку и заболување на крвта, со што се објаснува неговиот широк спектар на симптоми. Германски и норвешки лекари ги потврдија тврдењата на своите кинески колеги, дека крвната група има одлучувачка улога во заболувањето од короната. Па така, лицата со крвна група А имаат поголема веројатност за зараза, потешки симптоми на болеста, со двојно поголеми шанси да бидат вклучени на респиратор. Додека, пак, крвната група 0 е со помал ризик за зараза бидејќи има поголем заштитен ефект. Покрај шокантното тврдење на францускиот нобеловец Монтење дека корона вирусот е направен во лабораторија од смртоносниот ХИВ вирус, студијата на норвешкиот виролог Соренсен и британскиот онколог Далглиш научно докажува дека короната нема природно потекло, бидејќи протенскиот состав на вирусот има секвенци кои се вешташчки вметнати.

Пандемијата го забрза процесот на автоматизација. Нејзиниот пораст со околу три милиони индустриски роботи во светот предвидува дека до 2030 година роботите ќе заменат 20 милиони човечки работници. Белгија во своите болници и продавници веќе воведе роботи кои мерат температура и го контролираат правилното носење маски. На Нов Зеланд спот роботите се користат како пастири за чување овци, а низ парковите во Сингапур контролираат дали луѓето држат задолжителна дистанца. Ресторан во Холандија ги претстави роботите-келнери, а научниците во Данска направија прототип на робот за земање брисеви. Дубаи користи вештачка интелигенција против ширењето на вирусот, а компанијата „Форд“ наскоро ќе воведе човеколики роботи за достава.

Додека половина од музичките сцени и 70 отсто од театрите во Велика Британија се соочуваат со трајно затворање заради кризата, во Лондон е откриен најстариот театар „Црвен змеј“, изграден во средината на 16-от век за време на династијата Тјудор кога забавата била строго забранета. Иако култниот филм „Однесено со виорот“ ја промени историјата на филмот, американскиот „ХБО Mакс“ го исфрли од програмата заради расистички приказ на црнечките ликови. Поетската манифестација „Рацинови средби“ е поместена за во септември, а 77-годишнината од трагичната погибија на Кочо Рацин беше одбележана со планинарски марш од Велес до Лопушник. Во знак на годишнината од смртта на филмскиот режисер Кирил Ценевски, Кинотеката на Македонија додели 100 ДВД-а со неговите играни филмови. Трагичната загуба на младиот и перспективен режисер Игор Вук Торбица ја потресе театарската фела во регионот. Словенечкиот народен театар подготвува претстава според расказите на Румена Бужаровска, независниот „Wonderland“ театар ја објави интернет претставата „Илузии“, а преку две композиции на Дарија Андовска, во Баварската државна опера за првпат се слушна македонскиот јазик.

Според „Њујорк тајмс“, Македонија е меѓу земјите кои доживуваат засилен раст на заразени, заедно со Либија, Ирак и Суринам. Здравствениот систем е пред колапс, меѓу заразените се и голем број здравствени работници, а болниците се соочуваат со недостиг на персонал и веќе исполнет капацитет. Откриени се 40 големи кластери, а најголемо жариште на зараза е главниот град. Највозрасната 89-годишна пациентка од болницата за геријатрија оздравела од Ковид-19, а на клиниката „Жан Митрев“ е излекуван и првиот пациент со хемофилтрација, метод за прочистување на крвта. Кризата има драматично влијание на 82 отсто од македонските компании, најпогодени се девет стопански сектори, а под најголем ризик се дури 40 илјади работни места. Јавните финансии ќе се спасуваат и со доброволни прилози од граѓаните, а летната сезона на туризмот со платформата „Дома си е дома“, на која македонските убавини се рекламираат со фотографии од странски дестинации.

Меѓу најпознатите романи во книжевноста што ги третира темите на заразата и карантинот е генијалниот роман на Албер Ками „Чума“ од 1947, според кој е снимен и истоимениот филм на Луиз Пуензо од 1992 година. Францускиот писател за место на случување го одбира крајбрежниот град Оран во неговиот роден Алжир, во 40-тите години од минатиот век. Дејството го следи неочекуваното појавување и бавното заминување на фиктивна зараза на бубонската чума. Опишувајќи ја до детаљ физиологијата на вирусот и неговите клинички симптоми, пораката на Ками е универзална и метафоричка, спојувајќи ги во едно физичката и психолошката зараза, заедно со нивните социолошки и филозофски аспекти кои го инфицираат секое општество.

Кризата со корона вирусот ја покажа вистинската слика за нашиот народ и неговата држава, заедно со нивните слаби места и реални капацитети. Во битката за заштитата на јавното здравје како врвен приоритет, токму неказнивоста и нееднакавоста пред законот ја ослабнаа ефикасноста на системот, а менталитетот и неговата матрица имплицираа само отпор, одбивање и неприфаќање како одраз на ирационалниот страв од опасноста. Затоа, од почетокот на епидемијата до денес, не успеваме во манифестацијата на индивидуална и колективна култура, граѓанска етика и одговорност, крајно неопходни и нужни за брзо и ефикасно справување со кризата.

Изолирани во просторот меѓу илузијата и стварноста, затворени во кусогледоста на умот и срцето, но со преголеми барања и очекувања од животот на кој му се враќаме, никако да прифатиме дека слободата подразбира висока свест и исто толку висок степен на одговорност во изборот, постапките и дејствијата. Наспроти апотеозота на глупоста како крајно отсуство на срам што сѐ повеќе нè фрла во апатија од бесмисла, бесцелност и безнадежност, сè уште не разбираме дека развојот, просперитетот и идните перспективи на државата не се крајна дестинација до која само ќе стигнеме, туку духовен пат низ кој треба да израснеме како нација, процес низ кој треба да созрееме како општество во кое единствено мериторни ќе бидат здравиот разум, одговорноста, знаењето и способноста.

(Васил Зафирчев е актер)