ДКСК: За ТЕЦ Неготино набавени 18.000 тони гориво помалку од платеното – сомнеж за системска копрупција


Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи по сопствена иницијатива во врска со набавката на мазут за потребите на АД ТЕЦ Неготино, извршена од страна на АД ЕСМ Скопје, при што набавката тешка 212 милиони евра требало да ја изврши фирмата РКМ ДООЕЛ од Скопје утврди состојби од кои произлегуваат сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службената положба и овластувања од страна на службени лица од министерството за економија, поранешен директор на ЕСМ и други службени лица од ЕСМ во својство на членови на комисија за спроведување набавка на мазут за потребите на ЕСМ / АД ТЕЦ Неготино.

ДКСК оформила предмет за  јавно изнесени наводи за незаконска набавка на мазут од страна на АД ЕСМ Скопје за потребите на АД ТЕЦ Неготино, со цел рестартирање на овој субјект за производство на електрична енергија.

По оформувањето на предметот, на 28.02.2023 година, непознат подносител до ДКСК доставил дополнителна документација која се однесувала на предметот, со цел ДКСК да ги испита состојбите наведени во пријавата.

„Вредноста на вкупната набавка е околу седум милијарди и 500 илјади денари, или околу 212 милиони евра. Набавката требало да ја изврши фирмата „РКМ ДОО Скопје“, при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, АД ЕСМ Скопје наводно извршил и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на една фирма по цена која била многу пониска од берзанската, според податоците и информациите на HUPEX. За наводите кои се однесуваат на сомнеж за незаконска продажба на ноќни вишоци на електрична енергија од страна на АД ЕСМ Скопје, ДКСК ќе одлучи со друга одлука кон предметот“, велат од Антикорупциска.

Постапувајќи по предметот и извршениот увид во горе означениот поднесок од непознатиот подносител, ДКСК побара податоци, информации и документација од АД ЕСМ Скопје, од АД ТЕЦ Неготино, од Управа за јавни приходи, од Влада, потоа од деловните банки со кои соработува „РКМ ДОО Скопје“, Царинска управа на РСМ, и еден стопански субјект од РСМ кој остварил соработка со РКМ ДОО Скопје, Нафтовод ДООЕЛ Скопје и Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје. Со цел обезбедување дополнителни сознанија за конкретниот случај, Државната комисија за спречување на корупцијата закажа и одржа службени разговори со овластени претставници од АД ТЕЦ Неготино на 10.04.2023 година, во нејзините простории и со овластен претставник на Регулаторната комисија за енергетика, исто така во нејзините простории на 01.08.2023 година.

Откако Државната комисија за спречување на корупцијата оцени дека располага со доволно докази, пристапи кон утврдување на состојбите за овој конкретен случај, па по оцена на секој доказ одделно и на сите докази заедно и извршената единечна и вкрстена анализа на фактите кои ги осозна во текот на постапката, го утврди следниот сомнеж за неправилности во постапката:

– Во тендерската документација на АД ЕСМ Скопје (во понатамошниот текст ЕСМ) не е барано економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазутот;

– Договорите за набавка на мазут со фирмата РКМ ДОО Скопје (во понатамошниот текст: РКМ) се склучени во вредност која била пониска од понудената, за истата количина;

– Пробиени се финансиските планови за јавни набавки на ЕСМ;

– На првиот договор за набавка на мазут со РКМ склучен е анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена;

– На вториот договор за набавка на мазут со РКМ, кој иако бил истечен и без правна сила, склучен е анекс со цел да се исплатат дополнителни средства, без да се наведе испорака на дополнителна количина на мазут;

– Според сметководствената документација на АД ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18.000 тони;

– РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана;

– РКМ прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут;

– Македонија нема акцизен склад за увоз на мазут и затоа испораката е вршена преку камионски и авто цистерни;

– АД ТЕЦ Неготино не го следел исполнувањето на договорите за испорака на мазут од страна на РКМ затоа што не е потписник на овие договори;

– Во договорите за испорака на мазут предвидени се минимални казнени пенали за непочитување на договорите за испорака на мазутот;

– Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар

– Утврдени се сомнежи за даночно затајување и ерозија на т.н. солидарен данок на добивка од страна на РКМ; и

– Утврдени се сомнежи кои укажуваат на монополско и непријателско здружување на пазарот на мазут во РСМ, со цел предизвикување пораст на неговата цена, а со тоа и растројство на пазарот на мазут во РСМ и пораст на цената на електричната енергија на штета на домашното стопанство, граѓаните и јавниот интерес на РСМ.

Врз основа на сето горе изложено,  ДКСК на 97-та седница одржана денеска одлучи да достави иницијативи до:

– Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција;

– Влада на РСМ;

– Комисија за заштита на конкуренцијата ;

– Регулаторна комисија за енергетика ; и

– Управа за јавни приходи и Управа за финансиска полиција

Останатите сомнежи на ДКСК подетално ќе бидат елаборирани во нејзината јавно објавена одлука за предметниот случај.