Дискотеката во Кочани имала блокирана сметка и фалсификувана лиценца


Фирмата „ММММ кафе ДООЕЛ“, носител на лиценцата за „Клуб Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, е со блокирана сметка, покажуваат информациите од „Бизнис мрежа“, софтвер кој црпи информации од Централниот регистар. Ова го отвора прашањето, како оваа фирма продавала карти, но и пијачки на присутните во клубот, каде се случи големата трагедија. Фирмата е основана во 2020 година.

Според лиценцата издадена од Министерството за економија, објавена од ТВ21, фирмата ја добила лиценцата на 13.03.2023 година, од државниот секретар Размена Чекиќ Дуровиќ. МКД.МК пак објави дека лиценцата била фалсификувана.

Претходно беше објавено дека објектот каде била дискотеката, порано бил магацин за теписони. Како била направена пренамена – останува непознато. Соодветноста на објектот го проверуваат и од МВР, бидејќи во дискотеката имало стотици гости, а имало еден влез, кој бил тесен и мал.Од кочанската болница веќе известија дека последицата за смртта кај повеќе лица било токму стапедото на излезот од објектот.

Изграден во 1999, објектот бил легализиран во 2005-та година, но според податоците на Дирекцијата за заштита и спасување никогаш не побарал елаборат за противпожарна заштита, што  значи дека дискотеката не работела согласно закон.

Директорот вели дека за едно правно лице да функционира согласно прописи и закони мора да поседува ваков документ, кој ДЗС никогаш не го издал.

Двајца инспектори од оваа институција соработуваат со останатите за да се увидат точните причини за избувнување на пожарот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кажа дека под истрага се и тие кои ја издале лиценцата за дискотека, како и инспекциските служби кои требало да го контролираат работењето. МКД.МК  објави дека дискотеката работела со фалсификувана лиценца издадена во време кога министер за економија беше Крешник Бектеши од ДУИ. На фалсификат лиценцата потпишана е Размена Чекиќ Дуровиќ, поранешен државен секретар на Министерството за економија.

Во случајов потфрлиле и другите надлежни органи, како на пример локалната самоуправа, државниот пазарен инспекторат, инспекторатот за животна средина, полицијата, противпожарната служба…Сите овие органи требаше да проверуваат дали овој објект ги исполнува главните безбедносни услови од Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност.

Во дискотеката имало 1.000 гости и само еден излез, прозорец со решетки и еден мал влез-излез. Дискотека е лоцирана меѓу куќи, во тесна уличка без паркинг.

Член 9 од Правилникот за дозвола за угостителски објект ја регулира заштитата од пожар. „Угостителските објекти треба да работат во согласност со прописите за заштита од пожар, според кои во угостителските објекти треба да има апарати и друга опрема за гаснење пожар. Вработениот персонал треба да биде оспособен да ракува соодветно со тие апарати и опрема“.

Инаку, во институциите се стравува декс од уште пострашен број на починати во Кочани. Епилогот  не смее никој да го спомене. Во критична состојба се повеќемина од синоќешниот пожар ,  многу од сега хоспитализираните се на апарати и се борат за живот. Сите медицински тимови во државата даваат придонес за подобрување на состојбата но, неизвесноста е присутна.
Инаку во овој момент бројот на неидентификувани се уште е голем, а неофицијално бројката на загинати стигнала до 80, но нема потврда.