Дискотеката имаше најевтина изолација, од сунѓер, вели поранешен член на обезбедувањето


Фото: Б. Грданоски

 

Благојчо Ѓорѓиев, поранешен член на обезбедувањето на дискотеката „Пулс“ во Кочани, вели дека таму се вградувала најевтина изолација и дека редовно се пуштале малолетници.

„Внатре дискотеката, јас колку што знам, а бев присутен додека се правеше, е излепена со најевтината изолација, со сунѓер“, вели Ѓорѓиев, кочанчанец, кој задено со неговиот тим порано ја обезбедувал дискотеката.

Тој додава дека редовно го предупредувал газдата дека внатре постојано влегуваат деца, но дека тој не реагирал, бидејќи се плаќале влезници.

„Кој даде дозвола таа шупа да се нарекува дискотека? Кој направи контрола? Јас имам лично пријавувано дека внатре има еден куп малолетници“, вели Ѓорѓиев.

Тој повикува дека мора да има одговорност и дека не смее да се молчи за да не се случат посериозни работи. Додека не се свестиме и чукнеме во главите што правиме и како правиме и за што ќутиме, бетер ќе бидеме“, вели Ѓорѓиев.