Директорот на Тетовската болница бил одговорен за противпожарната заштита


Фото: Б. Грданоски

Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле.

Документите насловени „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година во подробности ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно. 

Според овие документи, надлежни за спроведување на проектот во делот на институционалните договори биле тим- лидерот од Светска Банка и лице од проектната канцеларија на Светска Банка при Министерството за труд и социјална политика како проект-менаџер. Во делот на имплементацијата, за тетовската модуларна болница надлежни биле две лица од Министерството за труд во делот на заштитниот надзор. Директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач, во локалниот надзор, како и во делот на локалниот инспекциски надзор. Бесими, кој повеќе од 11 години беше в.д. директор на Тетовската болница, во меѓувреме понуди оставка на функцијата, исто како и економскиот директор на клиниката Артан Етеми- кој не се споменува во документацијата.

Оваа ситуација се повторува и во речиси сите други модуларни болници кои беа градени во земјата за време на пандемијата- како надлежни за комплетниот надзор над работата наведени се само имињата на директор на локалната болница, понекаде и економскиот директор, во еден случај главната медицинска сестра, а во два града, Штип и Велес- никој поименично, односно наведено е само „менаџер“. Се работи за вкупно 17 модуларни болници кои државата ги финансираше со кредит од Светска банка во вредност од 3,8 милиони евра.

Во документите јасно се наведува дека во речиси сите фази од изградбата и контролата на објектите надлежни се локалните власти. Во случајот на тетовскиот модуларен ковид-центар, се наведува дека од подготвителната фаза, па се до последната оперативна фаза, за контрола на изградбата, функционалноста и заштитните механизми во објектот надлежни се, во различни сегменти, општинските власти во Тетово или изведувачот-понудувач „Брако“. На пример, уште во подготвителната фаза се предвидува присуство на супервизор од општина Тетово. Во следната- фаза на градба- контроли од општински инспектори за градба и животна средина. Во мониторинг фазата, исто така. 

Надлежностите во делот на оперативната фаза на болницата се јасно наведени во документот. Оваа последна оперативна фаза опфаќа:

– План за регуларно одржување на инсталациите (вода, одводна мрежа, струја, греење) во болницата (Надлежни: Претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, Комунален инспектор и одговорно лице во болницата);

– Подготовка на План за заштита од пожар и имплементација на заштитни мерки (Надлежни: Директорот на болницата во Тетово и одговорно лице во болницата); и

– Подготовка на план за менаџирање на отпад и контрола на зарази (Надлежни: Претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, Комунален инспектор и одговорно лице во болницата).

Планот за одржување на инсталациите и менаџирањето на отпадот требало да се изготви „пред пуштањето во употреба на болницата“, додека Планот за заштита од пожар требало да се реализира „на почетокот на работата на болницата“.

Во итни случаи и вонредни околности, како пожари, одговорноста е на болницата, болничкиот персонал и Дирекцијата за заштита и спасување. Како дел од планот за итни ситуации, во документот се предлага сите вработени во ковид-центарот да бидат обучени за реакција во итни ситуации и за точната процедура во такви ситуации.

Документите содржат и техничка спецификација на проектот за модуларните болници во кои се потврдува дека се барале ѕидови и кровови од „еколошки ПУР панели“, за кои повеќе експерти потврдија дека многу лесно горат и не нудат доволна заштита од пожар.

 
 
 
 
 
 
 
Volume 90%