Дипломатскиот кор и локални клубови на велосипедска тура околу Охридското Езеро
Со учество на велосипедисти од дипломатскиот кор и локални велосипедски клубови денеска околу Охридското Езеро се возеше Велосипедската тура организирана во рамки на завршницата на Месецот на Европа и одбележувањето на Денот на Европската Унија во Северна Македонија.
Велосипедската тура започна во Струга, а потоа трасата продолжи преку Поградец во Албанија, па преку Охрид и повторно заврши во Струга, минувајќи околу Охридското Езеро.
Настанот е своевидна промоција на активниот туризам и природните убавини на регионот, а учесниците ја истакнаа важноста на ваквите активности за рекреација и меѓународна соработка.

– Многу сме задоволни што сме тука во Охрид. Во моментов ја возиме велосипедската тура околу Охридското Езеро. Ова е завршен настан во рамки на прославата на Месецот на Европа, со кој го одбележуваме Денот на Европската Унија во Северна Македонија. Денот беше одлична можност да уживаме во природата и да бидеме заедно со велосипедистите од дипломатскиот кор и од локалните велосипедски клубови. Навистина уживавме во ова искуство- истакна Бен Нупнау, заменик шеф на делегацијата на ЕУ во земјава.
Тој од Охрид како станица на велосипедската тура упати благодарност до институциите и „Европските куќи“ за поддршката во организацијата.
За трката, тој рече дека помалку е напорна, но оти ако сте подготвен велосипедист, можете без проблем да ја извозите.

– Би ги охрабрил луѓето почесто да возат велосипед. Тоа е здрав, еколошки и пријатен начин да се ужива во природата и да се помине квалитетно време за време на викендот, рече тој.
Месецот на Европа е годишна иницијатива што се одбележува во земјите од Западен Балкан и Европската Унија, со цел промоција на европските вредности, соработка и приближување на институциите до граѓаните преку културни, спортски и едукативни настани организирани низ повеќе градови.