Димитров: Не може да се разговара за македонскиот јазик и идентитет

Фото: Б. Грданоски

На македонскиот народ никој не може да му каже, кои сме ние и каков јазик зборуваме, според меѓународното и европското право порача вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Тој истакна дека ни за 7 месеци, 7 години, 700 години нема да има влада која ќе се согласи да разговара за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.

За нашиот македонски јазик, Мисирков пишува уште во 1903 година, јазикот е кодификуван 1945 година, беше еден од официјалните јазици во СФРЈ, сега е во Обединетите нации и во Европската унија, рече Димитров и запраша дали е услов за пристапување во ЕУ е да имате исти погледи со други држави.

– Значи  на македонскиот народ денес никој неможе да му каже – друг народ, соседен, друга држава, трета или четврта , па и меѓународна организација, кои сме  ние и каков јазик зборуваме. Тоа прашање е внатрешна работа, наша работа.  Зборувам за меѓународно право, зборувам за европско оправо, рече Димитров

Не може, вели, државата да има став за  историско прашање, за научно прашање, тоа е работа на историчарите.

– Ова е дисциплина за  науката. Целата идеја на Договорот  за пријателство беше  историјата нека ја разговраат  историчари, а дајте ние да градиме пријателство бидејќи  историјата не можеме да ја смениме, но можеме да ја смениме сегашноста и иднината, истакна Димитров.

Според него, клучно за соседна Бугарија е да не прифати кои сме бидејќи тоа многу ќе помогне во развивањето на пријателството.

– Ако ние кај што ни е најважно, кај што ни е најсвето сме чепкани и притискани со прст, многу тешко ќе биде да развиваме вистинско пријателство. Мора да се разбере  нашто право на самоопределување. Очекувањата се дека  нашите пријатели ќе го почитуваат изразот на нашето право на самоопределување  е многу базично. Ние бараме една  елементарна почит  да  ни го почитуваат достоинството, бидејќи ние имаме  заедничка историја.  Има и личности што заедно ги славиме, важни се за македонскиот народ, важни се за бугарскиот  народ. Ама сакаме да имаме и заедничка  европска иднина, изјави  Димитров.

Тој нагласи дека не можеме да одиме по секоја цена по патот што сме го одбрале, но со Бугарија како пречка нема да се караме, да фрламе камења врз нив.

– Без разлика на нашата домашната политичка дебата, можеби и да изгубиме поени дома и тоа е океј, но истовремено не може по секоја цена да одиме по патот кон кој сме тргнале, рече Димитров.

Во однос на македонското малцинство во Бугарија, Димитров рече дека не се мешаме во внатрешните работи ниту на Бугарија ниту на другите соседи.

– Нашата политика и европската политика ако ја земеме предивид Рамковната конвенција за заштита на малцинства на Совет на Европа, Европската конвенција за човекови права во овој дел, дали малцинство постои или не, не е прашање на политичка декларација или став на една држава. Тоа е внатрешно прашање. Не се мешаме. Прашањето дали група луѓе се малцинство или не, се прашања за тие луѓе, тоа е нивно право на самоизјаснување. На тој начин ние би се мешале ако имаме став во однос на тоа прашање. Тоа е нивна работа. Тоа се нивни граѓани, рече Димитров.

Во однос на прашањето за Гоце Делчев, Димитров рече дека тоа мора да го решат историчарите.

– Ова мора да е оставено на дебати, на Комисијата, нека има и научни конференции. Единствениот пат кон зближување на двете држави е преку блискост, поддршка, почит. Многу е важно да мислат како е да си во нашите чевли, додаде Димитров.

За него е прифатлив и предлогот на претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнамер, германски експерти да се вклучат како олеснувачи во македонско-бугарската комисија, особено околу методологија на работа.