ДИК одлучи да има прегласување во Желино
Ќе се прегласува на едно избирачко место во Желино одлучи Државната изборна комисија.
Приговорот е на коалицијата Вреди од вкупно 10 за избирачки места кои се дел од шестата изборна единица како Тетово, Гостивар, Боговиње и Врапчиште поднесени поради неправилности при гласањето за кои сметаат дека влијаеле на сумирањето на резултатите. Во шестката Вреди има 7 пратенички мандати а Коалицијата предводена од ДУИ 9.
-Дури 110 гласачи од ова избирачко место своето гласачко право ги имаат остварено со идентификација преку уредот за биометриска идентификација, која бројка е надминување на дозволениот лимит, рече Сенат Амети – претставник на Вреди.
Сепак главната битка ќе се води во петката. Таму ДУИ доби околу сто гласа повеќе од СДСМ, а со тоа и еден пратеник повеќе. Осум приговори за оваа изборна единица поднесе и ВМРО-ДПМНЕ која во петката е блиску до уште еден пратенички мандат.
Седницата на ДИК по која се одлучува по приговорите членовите ја започнаа со меѓусебни кавги и обвнувања за опструкции. Потпретседателката на комисијата Дитмире Шеху која е член на комисијата од ДУИ, бараше да се отфрлат приговорите на коалицијата Вреди и на СДСМ, оти не биле поднесени од овластен поднесувач.
-Од ова може слободно да заклучиме дека приговорите на Влен не биле уредно доставени и согласно Изборниот законик се знае како се постапува понатаму со овие приговори, смета Дитмире Шаху потпретседател на ДИК.
За мнозинството членови не беше спорно кој ги донел приговорите на шалтер во просториите на ДИК туку кој е потпишаниот поднесувач, по што дојде до расправија.
-Поднесување е овластување и потпишување од овластено лице. Да бидеме сериозни со вакви опструкции на работата на комисијата ве молам немојте да манипулирате, рече Борис Кондарко член на ДИК.
-Нема да толерирам навреди од член на ДИК, без разлика дали сум жена од друга националност – вели Дитмире Шаху, потпретседател на ДИК.
Социјалдемократите поднесоа пет приговори за избирачки места кои се дел од 6 ИЕ како Битола, Кичево и Струга. ДИК денеска треба да одлучи по сите поднесени приговори.