Дигиталната кампања урива рекорди, но митинзите не се „мртви“


Од прегледот на видеата за митинзите на СДСМ се гледа дека нивните видео обраќања биле погледани од тие на ВМРО-ДПМНЕ, и додека одеа во живо, и подоцна како постови

 

Слободанка Јовановска

Дигиталната кампања на СДСМ е поуспешна од таа на ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат  бројките што можат да се видат на социјалните медуми, кои наспроти скептицизмот дека вака може да се организираат избори, покажуваат дека пораките на двете најголеми партии стигнале до стотици илјади граѓани.

Иако во живо митинзите изгледаат како лидерите и кандидатите за пратеници да си се обраќаат сами на себе и дури изгледа неверојатно од каде наоѓаат инспирација за говорите, на социјалните медиуми сликата е сосема поинаква, што наметнува неколку дилеми – дали овој вид кампања може да биде урнек за натаму, бидејќи на класичните митинзи се трошат огромни пари, се поларизира нацијата и се блокира нормалното функционирање на економијата и на животот? Дали ваквите кампањи ги прават порамноправни партиите во трката, особено помалите, бидејќи делуваат поевтини и дали стигнаа до гласачите сите пораки, или само негативните?

Од прегледот на видеата за митинзите на СДСМ се гледа дека нивните видео обраќања биле погледани од тие на ВМРО-ДПМНЕ, и додека одеа во живо, и подоцна како постови. Па така, митингот во Кочани го гледале дури 66.000 граѓани, во Струга 31.000, во Гостивар 20.000, во Чаир 28.000, во Центар 42.000, во Тетово 52.000 , централната прес-конференција на СДСМ во Штип дури 72.000, митингот во Крива Паланка 59.000, додека од спотовите и видео пораките рекорден број отворања, над 100.000, имаат тие за земјоделците и видеото со наслов „Мицкоски е главата на Поткуп“.

ВМРО-ДПМНЕ, делумно и поради лошо организираната фејсбук страница и таа на партијата, може да се носи само со гледаноста на спотовите, каде тој за „приказната за Зоран Заев“ и видео пораката по дуелот со Заев надмина 100.000, додека гледаноста на митинзите им е далеку поскромна од тие на СДСМ. Па така гледаноста на митингот во Велес им е 24.500, а најисоката од тоа што може да се види е до 40.000.

Според Предраг Арсовски, аналитичар, дигиталната кампања е многу важна на овие избори бидејќи најголем дел од луѓето не одат на митинзите, ниту пак партиите собираат многу  луѓе на нив и не шетаат од врата на врата како претходно.

„Видео кампањата е многу следена. Колку точно, сѐ уште не може да се утврди, бидејќи не може да се собере на едно место, но според некои податоци дури 70 отсто од граѓаните следат политика на социјалните мрежи. Така што дигиталната кампања е важна и не е за фрлање. Далеку е од тоа дека е залудно ова што кандидатите и лидерите си зборуваат сами и дека нивната порака не стигнува до гласачите“, вели Арсовски.

Тој сепак е скептик дека ова искуство може да го смени дефинитивно начинот на кој ќе се водат идните кампањи во Македонија.

„Жалам, ама не. Без оглед на тоа што партиите тврдат дека кампањата ја водат на онлајн медиуми, тие ги прават сите митинзи што ги правеа претходно, само без публика. Инаку не постои место каде што партиите не направија собир, иако тоа беше ограничено на помалку луѓе“, вели Арсовски.

Според него, партиите во моментов водат и теренска кампања, бидејќи во Македонија најголем дел од излезените гласачи се партиски определена база.

„Така ќе биде и на овие избори. Од таа база партиите нема да се откажат без оглед што митинзите се организираат за да се зајакнат своите. Затоа, не верувам дека партиите ќе се откажат од митинзите во догледно време бидејќи им се многу важни сопствените гласачи. Онаа партија што ќе ги изади сопствените гласачи на гласање ќе ги добие овие избори“, смета Арсовски, додавајќи дека митинзите нема да „умрат“, колку и да се позитивни искуствата од кампањата на дигиталните медиуми.

„Ќе ги додадат сѐ повеќе социјалните медиуми како средство во кампањата, но од митинзите нема да се откажат“, порачува Арсовски, и покрај фактот дека во САД  Барак Обама на ваков начин победи на изборите. Тој не е уверен ни дека дигиталната кампања е поевтина од класичните, со изнајмувања на автобуси, плаќање дневници и сендвичи, рентирање опреми, ниту пак ги прави порамноправни партиите во трката.

„Не сум сигурен во тоа. Социјалните медиуми се значајно средство во кампањата и тука не се штедат пари. Не сум сигурен дека се поевтини од тоа да најмите автобуси за митинзи. За дигиталните кампањи се користат големи тимови, спонзорирани постови…“, вели Арсовски.

Според него, постојат земји, како САД каде ниту еден кандидат не може да си дозволи да води кампања во секоја држава и со сите средства. Но, Македонија е многу мала и партиите можат да си дозволат да организираат и митинзи и кампања на социјални медиуми, така што не верува дека партиите ќе се откажат од нив и дека на тој начин ќе се егализира ситуацијата.

Околу тоа чија кампања е поуспешна, беше малку резервиран.

„Ако кажам СДСМ, ќе кажат дека ги фаворизирам. Но, факт е дека во моментов кампањата на СДСМ на новите медиуми е значително погледана и повеќе следена од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Арсовски.

И Марко Трошановски од Институтот „Социетас цивилис“ верува дека уште долго ќе ги гледаме митинзите.

„Масовните митинзи сѐ уште се потребни и нема брзо да бидат заменети со онлајн комуникација од причина што таквиот спектакл, чувството на бројност, на припадност и слично се многу потребни во време на избори, заради зајакнување на гласачкото тело, заради мотивација да излезат што повеќе луѓе и заради создавањето  на победоносна атмосфера, во смисла дека мнозинството стои зад кандидатот на одредена партија. Затоа, митинзите треба да ги има и ќе ги има кога ќе се подобри здравствената ситуација“, вели Трошановски.

Според него, сега кога доминираат кампањите преку новите и нетрадиционални медиуми, еден дел од популацијата што не користи интернет е лишена од пораките. Тоа, вели тој, се тие над 60 години, кои остануваат помалку информирани, бидејќи нема одења од врата на врата и информативни состаноци.

Колку водењето само ваков тип на кампања ќе влијае на излезноста на гласачите според него не може да се каже, бидејќи е уникатна ситуацијата.

„Кампањата сама по себе може да направи промена до 5 проценти во расположението на гласачите, главно кај оние што се неопределени, а некогаш повеќе ако се случат исклучителни настани, како како природна непогода, да влеземе во ЕУ или како што беа ‘бомбите’ пред четири години. Сега, не знам дали здравствената криза може да има таков импакт. Јас очекувам намалена излезност заради епидемијата и рестрикциите што ги наметнува таа. Искуствата во другите земји покажуваат дека до 20 или 25 отсто паѓа излезноста така што ќе видиме како ќе биде. Очекувам излезноста да биде 40 до 45 отсто“, вели Трошановски.

И тој не верува дека ваквата речиси исклучиво дигитална кампања ќе стане образец за кампањите на идните избори.

„Политичката комуникација на ваков начин секако дека ќе се развива, но јавните собири уште долго време нема да бидат изоставени. Може традиционалните медиуми ќе трпат за сметка на тие онлајн, бидејќи на интернет можеш да ѝ се навратиш секогаш на пораката. Тој што сака да ја види програмата на некоја партија може да ја прочита во секое време, додека на телевизија ќе поминат вестите, и тоа е тоа. Новите медиуми се поподобни за информирање, но и за дезинформирање. Веќе станаа урнек за кампања, но нема да бидат доминантен начин“, вели Трошановски.

Според него, ништо не може да замени кога некој кандидат ќе ви дојде на врата или кога ќе го слушате во живо бидејќи тоа остава најголем впечаток.

„Најуспешна кампања и натаму е одењето од врата до врата и уште долго време ќе биде така“, смета тој.

Иако оценува дека дигиталната кампања ги прави партиите порамноправни во трката, сепак и тука, според него, парите играат голема улога, па тој што ќе плати повеќе, ќе го има повеќе.

Генерално тој смета дека настрана од формата, ова е најнегативната кампања досега во Македонија, или попрецизно – најподлата, бидејќи во комуникацијата главно се користат прислушувани материјали.

„Тоа луѓето ги прави подемотивирани, се намалува довербата во институциите и тие се плашат од тајноста на комуникациите. Во тој дел е прилично негативна кампањата, иако има и доста афирмативни пораки. Сепак, доминира негативната. Таа никогаш не ги мотивира луѓето да излезат и во таа ситуација ВМРО-ДПМНЕ е во предност, бидејќи неопределените гласачи ја носат предноста на  СДСМ, додека за опозициската партија нејзините гласачи, што и да се случи, гласаат по инерција“, вели Трошановски.