Девојка од Задар ја сними ракетата на Елон Маск над Хрватска


Веднаш штом „Драгон“, со помош на ракета „Falcon 9“, полета од вселенскиот центар Кенеди кон Меѓународната вселенска станица (ISS) во саботата во 21,22 часот, многумина во Хрватска се упатиле кон балконите и дворовите да го видат или евентуално да го снимат летот на леталото, кој помина над хрватското небо во 21,45 часот. Аматерскиот астроном Наталија Косовиќ од Задар го сними не само летот на „Драгон“ , туку и ИСС пет минути порано, пишува „Јутарњи лист“.

– Лансирањето во саботата, се разбира, беше интересно за секој човек заинтересиран за астрономија и астронаутика, најмногу заради фактот дека ова е прв лет со комерцијално вселенско летало. Знаејќи дека леталото „Crew Dragon“ ќе прелета над Хрватска нешто повеќе од дваесет минути по лансирањето, решив да се обидам да го фатам со камера – рече Косовиќ од астрономското друштво „Задар“.

Снимката е со експозиција долга осум секунди со цел да се види патеката, затоа што во спротивно вселенскиот бродд би изгледал како точка на небото.

– За среќа, облаците што беа на небото беа распоредени така што бевме во можност да го видиме вселенскиот брод и да го фотографираме, изјави Косовиќ.