Детали за бурната средба: Трамп се истури врз Руте. „Тоа беше тирада на навреди“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја искажа својата фрустрација кон сојузниците од НАТО за време на бурната средба со генералниот секретар Марк Руте во среда и посочи дека размислува за одмазда за недостатокот на поддршка во војната со Иран.
Долго планираната посета на Руте на Белата куќа се претвори во кризна мисија откако Трамп постојано се закануваше дека ќе ја напушти алијансата затоа што земји како Шпанија и Франција одбија да го поддржат американско-израелскиот конфликт со Техеран, кој моментално е во кревко примирје, објави Политико.
Според изјавите на двајца европски функционери и друго лице запознаено со дискусиите, Трамп го искористи состанокот за да го изрази своето незадоволство од одбивањето на Европа да учествува во операцијата во Иран. „Тоа беа глупости“, рече првиот европски функционер. „Разговорот беше сведен на тирада навреди“. Трамп, рече тој, „се закани практично со сè и сешто“.
Истиот функционер и лицето запознаено со состанокот рекоа дека Трамп сигнализирал дека размислува за одмазда, но не дал детали. Двете лица, како и трет европски функционер информиран за состанокот, рекоа дека американскиот претседател оставил впечаток дека сака конкретни чекори од сојузниците за што е можно поскоро повторно отворање на Ормутскиот теснец.
Сепак, функционер на Белата куќа тврди дека претседателот не поставил никакви барања до алијансата во разговорот со Руте. „Како што претседателот Трамп рече вчера, НАТО е тестиран и не успеа“, рече функционерот. „Тој во овој момент нема очекувања од НАТО и не побарал ништо од нив, иако фактот е дека тие имаат многу повеќе да добијат од Ормутскиот теснец отколку САД.“
По состанокот, американскиот претседател јавно ги нападна сојузниците и ја оживеа својата стара идеја за анексија на Гренланд. „НАТО НЕ БЕШЕ ТУКА КОГА НИ БЕШЕ ПОТРЕБЕН, И НЕМА ДА БИДЕ ТУКА АКО ПОВТОРНО НИ БИДЕ ПОТРЕБЕН. СЕТЕТЕ СЕ НА ГРЕНДЛАНД, ТОА ГОЛЕМО, ЛОШО УПРАВУВАНО, ПАРЧЕ МРАЗ!!!“ напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
„Никој од овие луѓе, вклучително и нашиот многу разочарувачки НАТО, не разбира ништо додека не биде притиснат!!!“ додаде Трамп во четврток.
Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, изјави за Политико дека Руте и Трамп „имале многу отворен разговор“, но ги отфрли тврдењата дека состанокот поминал лошо, нарекувајќи го „конструктивен“. Самиот Руте призна во четврток: „Почувствував дека е разочаран затоа што сметаше дека премногу сојузници не се на негова страна“.
Друг европски функционер изјави за Политико дека, и покрај знаците за напнат состанок, посетата на Руте била навремена затоа што му дала шанса на Трамп да се искаже.
Изјавите на претседателот по состанокот биле општи и не содржеле конкретни закани насочени кон казнување на НАТО или поединечни членки, рече тој. „Тоа е поблаг тон од некои од неговите други коментари“, рече лицето. „Ова се сè уште нестабилни времиња, но среќа е за алијансата што тој е таму во овој конкретен момент“.
Членките на НАТО во седиштето во Брисел сè уште не се информирани за деталите од состанокот, според двајца високи дипломати, ниту пак започнале да разговараат за испраќање воена опрема за повторно отворање на теснецот.
Сојузниците на САД постојано ветуваат дека ќе помогнат во повторното отворање на Ормускиот теснец, клучен трговски центар – но само откако борбите целосно ќе престанат.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави во четвртокот дека за време на неговиот повик со Трамп во среда, тој го „охрабрил“ американскиот претседател „сериозно да продолжи со преговорите“ за прекин на војната со Иран. „Исто така го уверив дека Германија, откако ќе се постигне мировен договор, ќе помогне да се обезбеди слобода на пловидба во Ормускиот теснец, под услов да има мандат и одржлив план за ова“, им рече тој на новинарите.
„Не сакаме оваа војна – која стана тест за трансатлантските односи – дополнително да ги затегне односите меѓу Соединетите Американски Држави и нивните европски партнери во НАТО.“
Началникот на Генералштабот на француската армија, генерал Фабиен Мандон, даде слични забелешки во средата, велејќи дека Париз разгледува „строго одбранбени“ воени опции за помош. „Во текот на изминатата недела, бевме домаќини на офицери од различни земји кои одлучија да учествуваат во оваа иницијатива насочена кон помош за обновување на морската пловидба“, рече тој. „Фазата на планирање напредува, со заедничка цел да се промовира безбедноста на пловидбата во оваа стратешка област“.
Минатата недела, коалиција од 41 земја предводена од Обединетото Кралство ја поддржа идејата за нови санкции и понатамошен дипломатски притисок врз Иран за затворање на клучниот теснец – но јасно стави до знаење дека нема да обезбеди воена помош додека конфликтот продолжува. На прашањето од Политико дали Лондон планира да одржи уште еден состанок, британскиот министер за одбрана Џон Хили во четвртокот рече дека „немаме што да објавиме во оваа фаза“.
За време на говорот во Вашингтон во четврток, Руте го бранеше одговорот на сојузниците на војната во Иран – а воедно се обиде да ја увери јавноста дека алијансата не е во опасност.